За два нови случаи за закани кон жени во Неготино денес информира СВР Велес.
Две лица биле лишени од слобода, во одделни случаи, и тоа 28-годишен маж кој во повеќе наврати испраќал заканувачки пораки до неговата поранешна девојка, како и 46-годишен маж од Пепелиште, кој со нож им се заканувал на неговата сопруга и на нејзината снаа, во семејниот дом.
-Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци – велат од СВР Велес за ,,Фокус”.
Изминатиот период во Неготино беа регистрирани голем број на физички напади и закани врз жени, од страна на нивни сопрузи, но и од страна на поранешни сопрузи или партнери.
Во дневните билтени на МВР речиси секоја недела е евидентиран случај на семејно насилство во градот. Пред неколку дена маж беше приведен бидејќи отишол во домот на поранешната сопруга и физички ја нападнал, а минатата недела пак, маж беше лишен од слобода бидејќи физички ја нападнал сопругата со тврд предмет.
Во градот кој лани во август беше потресен од случајот кога неготинец во нејзиниот дом претепа до смрт 46-годишна жена, која во минатото му била партнерка, продолжуваат насилствата врз жените, во разни облици – од закани и заплашувања, па се до физички насилства и обиди за убиство.
Обид за убиство врз 35-годишна жена, од страна на нејзиниот сопруг кој ја нападнал и ја исекол со нож, а го исекол и татко и кој се обидувал да ја одбрани, во неготинско Пепелиште беше евидентиран и пред двеипол години.
Насилствата најчесто се случуваат таму, каде жената треба да се чувствува најбезбедно, во домот.
За помош на жртвите на семејно насилство 24 часа е активна бесплатната СОС линија 141 700. Според податоци од Националниот совет за родова рамноправност, месечно се јавувале околу 350 жени, жртви на семејно насилство. Некои од нив се јавувале и по повеќе пати, бидејќи насилството се повторувало, а голем е бројот на жртви на насилство кои поради страв или срам од околината и предрасуди, но и поради финансиска зависност од партнерот, случаите воопшто не ги пријавуваат.
Во изминатите дваесет години во Македонија имало 54 фемициди, кога жени биле убиени од страна на сегашни или поранешни партнери, но повеќето случаи се воделе како кривично дело Тешка телесна повреда, каде при вршење на семејно насилство оштетените жени починале.
Таков беше и судскиот епилог на ланскиот случај од Неготино, кога неготинецот кој ја претепа до смрт поранешната партнерка беше осуден на 15 години затвор.
Според тогашното соопштение од Основен суд Кавадарци, обвинетиот П.Н. од Неготино за кривично дело Тешка телесна повреда по чл. 131 ст. 4 вв ст. 2 вв ст. 1 вв чл.12 ст. 2 од КЗ, а по дадено признание за вина, огласен е за ВИНОВЕН за настанот којшто се случи на 02.08.2022 година во Неготино, кадешто извршил семејно насилство во кое оштетената Љ.Г. од здобиените тешки телесни повреди почина на 06.08.2022 година, со тоа што од страна на судечкиот судија му е изречена казна затвор во траење од 15 години.
Тогаш се огласија и од Хелсиншки комитет, потенцирајќи дека непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство.
-Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција.
Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.
Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници, беше нагласено во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
Вики Клинчарова