Не заборавам од каде доаѓам и знам како е да немаш, затоа и ја донирав наградата!

by fokus

Фолк пејачката Сузана Гавазова го освои првото место на манифестацијата Избор на летен фолк хит 2021, кој се одржа во Новаци, Битола, под покровителство на општината и градоначалникот Љубе Кузманоски, а паричната награда од 15.000 денари ја донираше на социјално загрозено семејство.

За „Фокус” таа вели дека е среќна што нејзината песна „Бум, бум“ го нашла патот кон публиката, а пораката во песната, дека не е важно кој од каде е, туку треба сложно да се живее, е она според кое секој треба да се води во животот.

-Воопшто не се двоумев околу тоа дека ако освојам некоја награда, ќе ја донирам. Сумата не е висока, но сигурна сум дека некому многу ќе му значи. На градоначалникот Кузманоски оставив да одлучи на кое семејство во неговата општина ќе му се доделат средствата, верувам дека ќе завршат таму кај што се најпотребни – раскажува пејачката.

Таа ја донираше и државната помош која во неколку наврати им се додели на естрадните работници, но вели дека не сака да се експонира кога се такви гестови во прашање.

-Јас сум по потекло од Сушица, Струмица. Моето семејство е земјоделско, родителите чесно и со труд се грижеа за мене, заработуваа со макотрпна работа, како што можеа. Знам како е да се нема, да се расте во скромно опкружување, и горда сум на своето потекло. Чесноста и со пот заработеното секогаш за мене има најголема вредност. Не си ги заборавам корените, и токму поради тоа, секогаш кога сум во можност, помагам.

Сега, кога имам успешна кариера и материјална сигурност, не можам да затворам очи пред оние на кои и најмалата помош им значи. Напротив, сите кои имаат среден живот, треба да помислат и на ранливите категории на граѓани, да го отворат срцето. Убаво е чувството дека некому си помогнал, си му донел некакво олеснување во тешкиот период, тоа се тие човечки вредности за кои сите треба да се залагаме – вели Гавазова.

Таа денес патува во Хрватска, и ќе биде музичка гостинка-изненадување на роденденска забава, кај познат бизнисмен, кој е татко на сопругот на популарната балканска фолк пејачка Јана.

-Ме изненади мојата колешка Јана која ми се јави и ме покани како специјална гостинка на забавата по повод роденденот. Не можев да ја одбијам понудата, поласкана сум што моите песни се слушаат и таму. По враќањето, продолжувам со работа, снимам нови материјали. Нема застанување, без оглед на рестрикциите поради пандемијата, јас сум музичар и мојата публика очекува да си продолжам со истото темпо на работа- вели пејачката, која покрај првото место од жири, на манифестацијата го освои и второто место од публика за истата песна.

-Во врска со освоеното прво место, посебно ми е драго што станува збор за песна со порака за соживот. Во овие тешки времиња, тоа е најважното, да имаме соживот, разбирање за сите, да нема поделби и да си помагаме. Секој според свои можности, да биде од корист за заедницата – изјави Гавазова, која пред неколку со семејството од Шведска се пресели во Македонија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости