Руската воена операција во Украина беше брза и драматична, со очекување дека ќе трае кратко, но колку трае подолго толку економските последици многу побрзо ќе се манифестираат и ќе бидат погубни за државите.
На подолг рок, се очекува притисокот од се повисоките цени на енергенсите да станат огромен проблем за Северна Македонија и работата на нејзините компании. На ова се придружува и повисоката цена на увозните материјали, храната, средствата за лична хигиена итн.
Најавите од руска страна дека Европа ќе мора да плаќа дури 2.000 евра за 1.000 кубни метра природен гас, што е 12 пати повисока цена од пред десетина месеци, потоа растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините веќе изгледаат застрашувачки.
Русија и Украина се производители на 27 отсто од пченицата во светот. Русија е и најголемиот извозник на пченица. Може да се претпостави какви ќе бидат последиците на цените и производството на храна без овие количини…
Тежок период
-Ако се земе сето ова предвид, тогаш директните штети врз домашната економија не може да ги квалифицираме како „силни“. Меѓутоа, ако се додадат индиректните штети, тука имаме во предвид поголем број на стопански гранки, тогаш е сосема извесно дека престои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза, велат за „Фокус“ од Стопанската комора на Северна Македонија.
Од таму додаваат дека предизвиците за македонските компании во услови на постпандемија се големи, тие се соочуваат со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. Со цел дизајнирање на соодветни мерки за македонските компании и економија во целост, потребна е анализа како одредени случувања имаат реперкусии на македонската економија.
-Неизвесноста и непредвидливоста во моментов се на исклучително високо ниво, што не овозможува да се прават анализи за пост кризниот период, велат од Стопанската комора.
Трансфер на кризата
Но, она што сега може да се детектира согласно анализите кои ги прави Стопанската комора, е дека ескалација на настаните помеѓу Русија и Украина врз македонските компании ќе се пренесе преку три канали. Првиот канал е цената на енергенсите, храната и чиповите.
Според податоците, 40 отсто од потрошувачката на гас и 27 отсто од нафтата во ЕУ доаѓа од Русија, а тие се единствени кои произведуваат значајни ретки метали кои се употребуваат за чипови за автомобили, компјутери и сл.
Како што велат од Стопанската комора, не судирот Русија – Украина, туку последиците врз европската економија на тој судир, ќе бидат вториот канал по кој ние ќе бидеме погодени.
-Две третини од нашиот извоз оди кон Европската Унија, а преку 50 проценти оди за Германија,. Во тој извоз за Германија, над 80 проценти е од една фирма. Тоа значи преголема концентација на ризик, немаме доволен степен на диверзификација на економијата за да можеме да амортизираме вакви удари, нешто на што Стопанската комора укажува повеќе од две децении, појаснуваат од СКМ.
Третиот канал, пак, е трговската размена со Русија и Украина, пред се во делот на земјоделски производи и металите.
-Таа е во надолен тренд од 2000-та година кога сме имале 7,8%, а денеска 1,3% (0,7% во извозот и 2% во увозот). Многу е важно дека тука можат да настрадаат поединечно фирми кои што работат што за нас како мала економија е многу проблематично и може брзо да доведат до затварање на фирми или драстично нарушување на профитабилноста, велат од Стопанската комора.
Соња Танеска