Не во мое име!

Судијката што ја негираше ИРЛ како медиум, е истата што го осуди и „Фокус“ за клевета и навреда, во случајот со Мијалков. Од Стразбур ѝ стигна абер дека згрешила, но таа и понатаму ужива да става ред во новинарството. И да, точно е дека не може секој да биде новинар и дека мора да се почитува начелото на вистината од перото и од микрофонот, но истото важи и за тогата!

by fokus

Коментарот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1467 на 15 ноември 2023 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Во името на граѓаните...“

Ваквиот вовед во секоја судска пресуда не ја намалува индивидуалната одговорност на судиите за донесените одлуки, туку напротив. Кога судат од името на сите, тогаш по пресудата треба и да ни погледнат в очи, а не да се затскриваат зад тогата.

Јавноста му суди додека судијата суди“, рекол реформаторот на правниот систем, Џереми Бентам.

Па, така, јавноста ѝ пресуди „осудителна пресуда“ на судијката Јованка Спировска-Панева, која неодамна пресече дека Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), не е медиум, а новинарите не се новинари, туку безмалку членови на злосторничка група, која како оружје го употребува зборот. Е можеле да пукаат (зборуваат), ама дома по папучи, а не јавно, за да се стресат сите.

Судијката, наместо да се држи до клеветата и навредата, во случајот „Анѓушев – ИРЛ“, со воочлива страст се впуштила во толкување на условите за тоа кој може да биде новинар и уредник и што е медиум.

Главниот злостор на членовите на оваа група, според судијката, е тоа што ИРЛ била регистрирана како граѓанска организација, а не како медиум, иако самата цитира делови од регистрацијата дека организацијата се занимава со „истражувачко и аналитичко новинарство“.

И фактот што истражувањата на „злосторниците“ се емитуваат на националниот сервис, за судијката не бил доволен за да ги верификува како новинарски производ. Да не зборуваме, пак, за десетината домашни и меѓународни награди и признанија за истражувачко новинарство за колегите од ИРЛ.

И тоа не е сѐ. Спировска, без малку двоумење, ги повика надлежните институции да го замолкнат ИРЛ, бидејќи не му било работа да информира?!

Но, колку и скандалозно да одекна писанието на судијката, сепак не треба да е за изненадување. Па, таа си остана доследна на самата себе, бидејќи и пред две години пресуди дека онлајн-медиумот Сакамдакажам.мк не е медиум, а со тоа и новинарот Горан Трпеновски не е новинар, па немало што да бара во Собранието на „Крвавиот четврток“ и да известува.

Судијката и во двата случаи се повика на Законот за медиуми, односно дека интернет-порталите стриктно не се дел од него. И да, тоа е точно, го констатира и Европската комисија (ЕК) во најновиот извештај, но со огромна разлика, и понатаму ги нарекува порталите онлајн-медиуми!

ЕК единствено ни забележува дека потребна е посилна саморегулација во оваа сфера, без да ја негира нивната медиумска улога. И тука, да, има простор за дискусија, и тоа сериозна, бидејќи, како фела, потфрливме во саморегулацијата.

Стравувајќи од тоталитарните алатки на груевизмот, не си го оградивме дворот, па дозволивме да ни се вселат дивоградби како „Доказ-М“, и слични нему, кои секојдневно ни уринираат по професијата. Затоа неопходна е регулација, но од новинарските здруженија и тела, а не од институциите на власта, кои со задоволство би нѐ држеле на кратко јаже.

Не треба ниту да стравуваме од лиценци за новинари, но само ако услов за тоа би била нашата новинарска работа, која треба да биде во согласност со новинарските професионални стандарди и никако поинаку!

Но, да се вратиме на судијката. Нејзиното име стои и на пресудата од 2014 година, кога го казни веќе згаснатиот дневен „Фокус“, со 9.000 евра, за нарушување на ликот и делото на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Тогаш не нѐ негираше како медиум, но констатираше дека со нејзината пресуда се штитела демократијата, бидејќи, верувале или не, со прекумерната заштита на слободата на изразување таа се поткопувала.

А „Фокус“ почнал да копа длабоко, во дотогаш заштитено подрачје, со законите и Уставот на тогашниот режим.

Дека судијката згреши, не мислеше само јавноста, туку и Судот за човекови права во Стразбур. Пресече дека криво го држела кантарот, со што го повредила правото на слобода на изразување на новинарите.

И да, точно е дека не може секој да биде новинар и дека мора да се почитува начелото на вистината од перото и од микрофонот, но истото важи и за тогата!

 

Поврзани новости