Не влегувајте во општинските згради на сила, им порача американскиот амбасадор на властите во Косово

by Fokus

Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер, ги повика денес општинските власти на северот од Косово да не влегуваат насилно во општинските згради.

КФОР претходно денеска го зголеми своето присуство во општините на северот од Косово по порастот на тензиите поради изборот на градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.

„Важно е да се избегнат ситуации во кои јавните функционери влегуваат во јавни згради користејќи сила“, рече Ховениер по средбата со претседателите на општините Зубин Поток и Звечан.

Ховениер рече дека ова е ставот на САД и другите земји од Квинтата: Обединетото Кралство, Италија, Франција и Германија.

„На средбата со градоначалниците разговаравме како тие можат да си ги исполнат обврските, да им служат на сите граѓани, на начин што покажува одговорност кон сите граѓани, а такво нешто сега, според нас, значи да не влегувате во зградите со сила“, рече тој.

Средбата се одржа во Канцеларијата на Европската Унија во Приштина, каде што беше и шефот на оваа канцеларија Томаш Шунјог.

Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ, денеска во Звечан разговараше со припадниците на КФОР, и ги пренесе  барањето на тамошните Срби новиот градоначалник на оваа општина, Илир Пеци, да не влегува во општинската зграда.

Ховениер рече дека на средбата биле поканети четворица градоначалници на општините со српско мнозинство на северот од Косово, но дека биле присутни само градоначалниците на Звечан и на Зубин Поток, и двајцата од опозициската Демократска партија на Косово.

Ховениер рече дека се сретнал и со косовската претседателка Вјоса Османи и разговарал за ситуацијата на северот. Тој претходно ја осуди постапката на косовските власти во однос на пристапот до општинските згради на северот.

 

Поврзани новости