Со изведување на докази предложени од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк.
Се изведуваат видео материјали на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ на 7 април во периодот од 3:25 до 3:45 часот.
Претходно, на денешното рочиште, беше сослушан сведокот Здравко Теодоров, кој кобната вечер пуштал музика како ди-џеј, а од дискотеката си заминал околу 2:30 часот.
Тој не го видел конкретниот настан и за него дознал откако објавиле медиумите, а во текот на вечерта, додека пуштал музика, сведокот рече дека не видел никакво нарушување на јавниот ред и мир, иако, како што нагласи, од местото каде што стоел имал целосен поглед на дискотеката.
Прашан дали вечерта имало обезбедување, сведокот рече дека не би можел да каже, повторувајќи дека ако немало луѓе внатре може и обезбедувањето да си замине.
На прашање од обвинетиот Анџело Ѓоргиевски за тоа колку луѓе имало во дискотеката, сведокот рече дека можеби имало помалку од вообичаено, бидејќи било работен ден.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.