Фолк пејачот Благоја Грујовски го одбележа 59-от роденден. Опкружен со семејството, бидејќи како што вели, не е љубител на големи роденденски прослави, тој вели дека изминатата година никогаш нема да ја заборави, и ја научил најважната животна лекција.
-Додека лежев во болничкиот кревет и се борев за здив, на почетокот на годинава, искрено, не ни верував дека ќе го дочекам роденденот. Не ни можев да размислувам за ништо, до толку беше сериозна мојата битка за живот. Ковидот ме удри толку силно, што се се случуваше како на филмска лента. Долго ми траеше и рехабилитацијата, периодот на заздравување и полека, враќањето во нормала. Лекцијата која ја научив после се, е дека здравјето нема цена и е најважното нешто. Сите ние, некако додека сме здрави, не помислуваме на тоа, се забораваме, мислиме дека сме вечни. Дури откако ќе се соочиме со една така тешка и критична состојба, како што беше мојата, започнуваме сосема поинаку да гледаме на се во животот – за ,,Фокус” појаснува музичарот.
Додава дека неговата состојба била крајно сериозна и првин бил хоспитализиран на одделение во Осми Септември, а потоа и на клиниката Аџибадем Систина. Вели дека како низ магла се сеќава на агонијата низ која поминал, но поуката од болеста нема да ја заборави никогаш.
-Некако, воопшто не се чуваме, барем јас така живеев. Еве, и сега ми се случува, да се заборавам малку, но ми се враќаат сликите на траумите низ кои минав, и веднаш се ставам во колосек. Грижата за здравјето мора да биде приоритет, штета што тоа многумина го учиме на потешкиот начин. Добив нова шанса за живот, благодарен сум за тоа, и променив многу животни навики. Професијата ми е таква, да морам да патувам, опкружен сум со луѓе, по разни настани, но сепак, сега го ставам моето здравје пред се. Ќе повторам, дека кога е вирусот во прашање, не се важни годините и претходната добра здравствена состојба, ова е непланирана болест за која не се знае каков исход ќе има, без оглед на тоа дали претходно сме биле сосема здрави и во добра форма. Сите да се чуваме – порачува Грујовски.
Поради состојбата се која се соочил, по препорака на лекар, ќе се вакцинирал за неколку дена. Вели дека ги следи советите на здравствените работници и благодарен е што му го спасиле животот.
-Наредните денови треба да ја примам првата доза на вакцината против вирусот, ми беше препорачано да почекам малку додека трае опоравувањето. Мора да се заштитиме и за во иднина. Летово имав доста настапи, ангажиран сум и во фолк емисијата Везилка, се движам помеѓу луѓе. Не би сакал никогаш повторно да ја доживеам агонијата која ми ја донесе ковидот, внимателен сум, и истото им го порачувам на сите. Грижете се за здравјето, оти тоа нема цена – изјави Грујовски.
Вики Клинчарова