Целиот случај е нејасен, ние како семејство не добивме конкретни одговори на прашањата од ниту една институција, и затоа наша проценка е дека имаме основани причини да сомневаме дека коските кои ги погребавме на гробиштата во Демир Капија се на нашиот син Иле, ниту дека тој туку-така се лизнал и паднал во длабоката бездна, за ,,Фокус” раскажува Снежана Лазаревиќ, чиј син Илија исчезна од семејниот дом на втори април 2021 година, во време кога имаше 30 години. Неговото тело беше пронајдено во длабока бездна кај местото викано Просек, Демир Капија, на 27-ми март минатата година.
Во време кога беше пронајдено телото, од СВР Велес информираа дека се работи за доста непристапен терен, па специјални екипи дури по четири дена успеаа да го извлечат. Потоа телото беше предадено на обдукција, од која резултатите семејството ги добило дури на почетокот на месец август 2023 година.
Тогаш, потресената мајка ни изјави дека од обвинителството им кажале дека тоа е нивниот син, со 99 проценти сигурност. Истакна дека облеката која им била покажана е на Иле, дека се претпоставува како тој најверојатно се лизнал и паднал во бездната.
Денес, по повеќе од една година откако беше пронајдено телото, и по околу осум месеци откако им била соопштена веста дека се работи за Илија, Снежана вели дека со секој изминат ден и се јавуваат се повеќе сомнежи дека тоа бил нејзиниот син, но се прашува и кој е човекот кого го погребале и како тој навистина починал.
-Мене ми зедоа брис од уста, најверојатно за да се направи ДНК анализа. Но, од телото кое беше најдено во провалијата, колку што бевме информирани, останале само коски, скелет. Не знам дали и колку веродостојна анализа се направила, ама со тек на време ни се отворија се повеќе прашања.
Фотографии од облеката најдена на скелетот, ми беа покажани на мобилен телефон во полициската станица во Демир Капија.
Првично бев во шок, не можев трезвено да размислувам, но сега си ги враќам сликите назад и има многу нелогичности. Како може на тело кое стоело на отворено во природа, на патиките да не им избледи боја воопшто? Кога излезе од дома, Иле носеше бермуди, на фотографијата ни покажаа долги пантолони, целосно обелени, и со сопругот постојано се прашуваме како е тоа можно. Мобилниот телефон не му беше пронајден.
По некое време откако исчезна, ние дома случајно забележавме дека му го нема и ранецот и еден пар фармерки. Каде се сите овие предмети? –прашува мајката.
Вели дека подоцна, откако ги погребале коските кои им биле дадени во вреќа и мал сандак, разговарала со повеќе пријатели на Иле, кои и кажале дека во близина на бездната каде било пронајдено телото, тие често заедно кампувале во минатото и Иле целата област добро ја познавал.
-Јас не отидов на местото, немам сила да го сторам тоа. Негови пријатели ми кажаа дека таму во близина во минатото имало црква, имало патека, дека често логорувале на тоа место заедно со Иле. Тој не би можел туку-така да се лизне и падне доле, човек би паднал само ако некој го турне или намерно го фрли надоле.
Мојот син, кога заминал од дома, со себе зел и ранец и фармерки, тоа подоцна го дознавме, најверојатно планирал да оди некаде. Зошто би одел токму на тоа место сам, и како би паднал во бездната?
Не мачат прашања кој е човекот кој беше пронајден таму, и веруваме дека тоа не е Иле. Набргу по погребот разговарав и со приватниот детектив Александар Диневски, кој за жал неодамна почина. И тој беше убеден дека има пропусти во целата приказна, но ете, не дочека да го расветли случајот- појаснува мајката.
Вели дека кога ги добиле коските во мал сандак и во вреќа, нејзината сестра сакала да ги отвори и да види што погребуваат, но не и било дозволено од страна на погребникот, бидејќи наводно, таква била процедурата, да не отвора сандакот.
-Тогаш не бев свесна што ни се случува, кој како ќе кажел, така правевме, но денес, постојано размислувајќи за настаните, се повеќе се сомневам во се поврзано со случајот.
Разговарав со правни лица, со семејството решивме дека треба да бараме да се започне целата истрага од почеток, па и да се ангажираат истражители од страна. Сметаме дека мора да се направи ексхумација на коските кои ги погребавме, само така ќе можеме да бидеме мирни.
Кој и како починал во бездната, дали таму евентуално имало и други коски, како што до мене допираат гласини од мои сограѓани, дали мојот син е можеби се уште жив, а ние погребавме коски на друг човек?
И во Судска медицина кога бевме со сопругот, се случија нелогичности, докторот првин ни рече дека се работи за тело кое пред пет дена паднало во бездната, кога му кажавме дека син ни го нема две години, тој потоа појаснуваше дека направил ненамерна грешка… Цел сплет на работи за кои немаме објаснување и не можеме да се помириме да го минеме животот без потребните одговори – вели мајката.
Додава дека по погребот таа западнала во доста тешка состојба, и се јавиле голем број на здравствени проблеми. Помислував и на самоубиство, вели, но сила ми дава семејството, имам и друг син кој живее во странство, имам внучиња.
-Покрај семејството, сила ми дава и помислата на Иле, да најдам начин да се расчисти целиот случај, да дознаеме што точно се случило, затоа што мајчинскиот инстинкт ми кажува дека тој е жив – раскажа Снежана.
Вики Клинчарова