Не успеа ни вториот обид на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот сојуз за промени да ја убедат претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, да закаже седница за утврдување на листата на пријавени кандидати за избор на член на Државната изборна комисија, иако огласот заврши пред половина месец.
Георгиевска и денеска повтори дека ќе закажана седница, но не прецизираше кога тоа ќе го направи.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека многу се одолговлекува ова прашање и дека никој не бара нешто што не му следува.
-Кога сите знаеме дека изборите ќе се одржат на 8 мај бараме опозицијата да има можност да го пополни испразнетото место член на ДИК. Има пријавени пет кандидати. Собранието распишало оглас. Датумот на огласот е завршен. Комисијата треба само да види кој од тие пет кандидати, еден или повеќе, ги исполнуваат условите да бидат разгледувани како член на ДИК и Пленумот да се изјасни и да го избере членот на ДИК – рече Милошоски.