Поп музичарот Димитар Андоновски доби награда за театaрска музика во Србија, за претставата ,,Дон Жуан”. Тој порача дека е посебно горд поради овој успех, кој го мотивирал за уште поуспешни проекти во иднина.
-На 72.Фестивал на професионални театри во Војводина, кој се одржува во Србија добив награда за најдобра музика за претставата ,,Дон Жуан” на Молиер, во режија на Андреј Цветановски.Оваа награда ми значи многу, затоа што е интернационална и ми дава мотив за уште поуспешни проекти во иднина- истакна Андоновски.
По потекло, тој е од Битола. На последните Локални избори пред две години ја изненади јавноста со одлуката да се кандидира за член на битолскиот општински Совет, од страна на СДСМ.
Тогаш за ,,Фокус” изјави дека се нафатил да биде дел од советничката листа, бидејќи многу си го сакал родниот град и сакал да придонесе Битола да оди напред на секое поле. Сепак, не успеа да стане член на Советот, и периодов активно е посветен на музиката.
Андоновски и стана познат на јавноста уште како дете, кога започна со учества на детски музички фестивали, а беше учесник и во своевремено доста популарната „Плеј потрага по ѕвезда“ на М2 продукција.
Вики Клинчарова