Не тргнавме навреме!

by Фокус

Па, ние бре навистина сме миленичиња на меѓународната – држава ни признаа, идентитетот ни го потврдија, јазикот ни го признаа и ја помочаа Бугарија, иако е нивна, од нивниот табор. Што сакаме повеќе, кој ѓавол ни е? Нѐ боли тоа што една Бугарија не нѐ есапи како Македонци. Па, што? Ние да си ја гледаме нашата работа, да го направиме она што е договорено со Унијата и да не се фаќаме како кленови на јадицата на Бугарија.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

- Advertisements -

Има една стара народна изрека за некој дибек што чекал, седел, стискал и, така чекајќи, ептен се избербатил и се искашкал, не зашто клозетот бил далеку, туку зашто тој, дибекот, не тргнал навреме за таму!“

Е, нашава „македонцка работа“ така ќе заврши. Не тргнавме навреме и сега со олеснение може сѐ да си прифатиме – и Бугари во Устав и промена на химна, и нов државен грб и нова проширена рамка на Охридскиот рамковен договор – сѐ на едно мавање.

Да ги послушавме постарите, искусни, силни (силеџиски) држави што го вртат светов, да ги ставевме Бугарите во Уставот кога тоа од нас категорично се побара, да не се курназевме, туку набрзина да го променевме Уставот, да ја свршевме таа работа без многу тегавење, немаше сега вака да заглавиме, ниту со големите, ниту со малите, помалите од нас, овде, дома.

НЕУБАВИ ПОРАКИ

„Леле, што убаво им кажа нашиот премиер на чаушине на Конференцијата во Минхен, а бе сѐ им плесна в лице…“ А тие, културни, си воздивнуваат, здодевно им е да го слушаат тоа, па тоа. Сѐ им раскажал, им кажал колку тешка неправда се прави со Македонија, не од сега, туку со векови, па им раскажал која историска величина е Македонија, па ги убедувал кој напредок државава го има постигнато откако е тој на власт…

Добро, сето тоа добро ни е познато, го слушаме секој ден. Туку, кажете ни вие нам што ви кажаа тие, чаушите, таму на маргините на Конференцијата во Минхен? Е, сега, што било важно што кажуваат тие, не ќе го повторуваме постојано тоа истото и непотребно да го нервираме народот.

Судејќи според изгледот на нашиот министер за надворешни работи, Муцунски, на средбата со бугарскиот министер за надворешни работи, Георгиев, работата ни е баш за нервирање.

Сиромав Муцунски беше како попарен, бел во лицето, просто смален… неубави работи му биле кажани, ама нам не ни ги кажуваат. Ако, ќе разбереме од бугарските извори.

Џабе владата купува време преку јалови разговори со претставници на бугарската влада. Да можело со нив разумно да се разговара, тоа ќе се направело уште многу одамна, во времето на Тито, Лазо, Крсте… Тие имаат долгорочен, непроменлив, забетониран став, било да е царско време, било да е фашистичко или комунистичко, а сега и капиталистичко време.

Бугарите ги води само таа, големобугарската идеја да ја имаат Македонија во своите граници и сѐ уште не можат да ја преболат реалноста дека Санстефанска Бугарија испуштила душа веднаш по раѓањето.

Под закрила на Русија, Македонија била во рацете на „мајка Бугарија“ едвај три месеци. Но, и тогаш, како и сега, спасот од Бугарија ни дошол од западноевропските сили, од Берлин, слично како и денес, од Брисел. За жал, не сме свесни што ќе беше со нас да не застанеа зад нас ЕУ, Америка, НАТО…

ЗОРТ

Ене ја Украина, горостас од држава, па ја смачкаа, ја пеплосаа. Па, ние бре навистина сме миленичиња на меѓународната – држава ни признаа, идентитетот ни го потврдија, јазикот ни го признаа и ја помочаа Бугарија, иако е нивна, од нивниот табор. Што сакаме повеќе, кој ѓавол ни е?

Нѐ боли тоа што една Бугарија не нѐ есапи како Македонци. Па, што? Ние да си ја гледаме нашата работа, да го направиме она што е договорено со Унијата и да не се фаќаме како кленови на јадицата на Бугарија.

Еден совет до владата на Мицкоски. Да се стави на памет и да престане зад завесата да го подбуцнува народот против ЕУ.

Како влада, која за себе вели дека е проевропски ориентирана, мора да изгледа убедително кај граѓаните, да се обиде да ја врати довербата во ЕУ, да ги впрегне медиумите, невладините и активистите што се под нејзина контрола за да престанат така нападно да ликуваат и да се ситат на најновиот развој на настаните и на конфузијата и дезориентацијата на европските лидери по доаѓањето на Трамп и по неговите пренаглени одлуки, кои можат да го шашардисаат светот.

На оваа влада како да не ѝ е доволна оваа новонастаната геополитичка неизвесност, која и нас нѐ засега, па сега ѝ дојде зорт и реши да си ги отвори старо-новите теми: химна, грб, Рамковен, само некако да ја одложи вистински потребната уставна промена. Но, колку и да стиска и да одлага, на крај и самата ќе се соочи со реалноста дека ептен се избербатила. Не тргнала навреме!

Поврзани новости