Веднаш по објавата на текстот за жената од Демир Капија, со хронични болести и симптоми на Ковид 19, а чии родители се позитивни на вирусот, до редакцијата на ,,Фокус” се обрати министерот за здравство Венко Филипче.
Тој побара контакт од демиркапијката, која бараше помош за превоз до Центарот за јавно здравје, каде треба да и биде земен брис, реагирајќи дека ниту матичната лекарка, ниту пак бил која такси компанија не и излегла во пресрет. Низ солзи раскажуваше дека се плаши за својот живот и не знае веќе каде да се обрати и како да дојде до центарот и да биде тестирана.
За помалку од еден час од објавата во ,,Фокус”, директорот на кавадаречката болница Доктор Диме Коцев не извести дека случајот е решен, и како од болницата ќе биде испратено возило по жената во Демир Капија.
Во телефонски разговор за ,,Фокус” министерот Филипче исто така потврди дека жената ќе ја добие потребната услуга и порача дека не смеат да се дозволат никакви пропусти кога е здравјето и човечкиот живот во прашање.
-Веднаш реагирав до институциите штом ја прочитав веста за жената. Секој пациент мора да ја добие потребната грижа и услуга во најкраток можен рок. Нема место за пропусти и изговори – ни изјави тој.
Вики Клинчарова