Апсолутна невистина е информацијата дека Општина Неготино исплатила неверојатна сума од 13.008 евра за настап на пејачката Бојана Скендеровски на општинската манифестација Неготинска вечер 2024. За спорната сума, која е наведена во анализата што вчера ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), а според која нашата општина го дала највисокиот хонорар во земјава за македонска пејачка, постои појаснување кое треба да го слушне широката јавност, за ,,Фокус” открива градоначалникот д-р Горан Стојанов.
Како што појаснува, за време на манифестацијата на која настапи Бојана, настапиле уште 11 други пејачи, односно станува збор за проектот ,,Македонијо, во срце те носиме,,, а 13-те илјади евра биле сума со која се покриле сите трошоци, односно хонорари на 12 изведувачи вклучени во проектот, хонорар за водителот на настанот, озвучување, осветлување, обезбедување, односно целокупна организација на манифестацијата.
Веста дека мала општина како Неготино, го дала највисокиот хонорар во износ од 13.008 евра на домашна пејачка, како и дека општината исплатила хонорар од 19.512 евра за настап на музичката ѕвезда Хари Мата Хари, кој одржа концерт на истата манифестација, и со тоа градот се најде на листата која ги има најскапо платените изведувачи за 2024 година, предизвика бурни јавни реакции.
Според истражувањето за трошоци на забавни манифестации зад кое стои Центарот за граѓански комуникации, македонските општини годишно трошеле над милион евра за пејачи и забавувачи.
Но, како што тврди градоначалникот, дури и информацијата дека Хари Мата Хари добил хонорар од 19.512 евра не била вистинита.
-Хари Мата Хари одржа двочасовен концерт и донесе бројна публика во градот, имавме гости не само од Неготино, туку и од други општини. Таа сума која е наведена во анализата, го покрива неговиот хонорар, хонорарот на Бока Конга, кој исто така настапи вечерта, покрива трошоци за сместување, озвучување, осветлување на бина, водител, односно цела организација околу настанот. Далеку од висината е тоа дека овие пејачи во џеб ставиле суми од 13.008 евра и од 19.512 евра. Значи, со овие средства е покриена целокупната организација и тоа е документирано и лесно проверливо.
Колку што имам информација, проектот ,,Македонијо, во срце те носиме,, гостуваше во повеќе градови во Македонија, и сакам да верувам дека Центарот направил ненамерна грешка со објавата на веста дека Неготино и исплатило 13.008 на Бојана, за само неколку отпеани песни, дека не се работи за намерно посочување на општината за недомаќинско трошење и рафрлање со народните пари.
Имаше илјадници посетители на градскиот плоштад, сите присутни знаат дека не пееше само Бојана, туку имавме 12 изведувачи на сцената, вели д-р Стојанов.
Инаку, Центарот за граѓански комуникации, е организација која ја направи првата база на исплатени хонорари на пејачи и пејачки од општински пари.
Како најскапо платена домашна пејачка беше наведена Бојана, со неготинскиот хонорар од 13.008 евра, а зад неа е Каролина, со 11.000 евра хонорар за настап во Крива Паланка.
Според анализата, Ламбе Алабаковски пеел за 542 евра на манифестацијата Илинден 2023 во Битола. ДНК добиле 3.000 евра од Општина Велес, за настап на Фестивал на пита и вино.
Наум Петревски настапувал за 680 евра, на Фолклоријадата во Градско. Андријана Јаневска пеела за дочек на Нова Година во Кочани за 813 евра. Групата „Љубојна“ настапувала за 2.138 евра на „Пастрмајлијада“ во Штип.
Од странските пејачи пак, лидер на листата со највисок хонорар добиен од македонска општина е Северина, со 25.123 евра за настап во Крива Паланка, Јелена Розга со хонорар од 22.487 евра за настап во Берово и 20.031 за настап во Пробиштип, Хари Мата Хари со хонорар од 19.512 евра за настапот во Неготино, Саша Ковачевиќ со хонорар од 17.000 за настап во Велес.
Податоците од анализата се однесуваат за периодот од почетокот на годината до октомври, и не се вклучени хонорарите за евентуални настапи и организирани манифестации за новогодишниот дочек.
Вики Клинчарова