Не сме единствени со скандалозни учебници: Во Србија Цеца во лекција за петтоодделенци!

by Fokus

Цеца Ражнатовиќ, Здравко Чолиќ, Рибља чорба, Бајага и други музичари од турбо фолк и поп сцената во соседна Србија се нашле во учебник за основно образование. Рефрени од нивните песни се дел од учебникот по граматика, каде од учениците од петто одделение се бара да ги подвлечат именките во стиховите, како што наведува авторот, на популарната музика.

-Се сеќаваш ли убав громе мој, Авиону ќе ти ги скршам крилата, Ајде мој плав сафиру и други рефрени се дел од граматичката задача на основците која што предизвика реакции на социјалните мрежи, но и во медиумите во соседството. Тамошните новинари, дури ја исконтактирале и Цеца, која поласкана што се нашла во учебник изјавила – Па каде сега баш тој стих, имам и поубави, нели?

Пред осум години кај нас, во учебник по Општество за петто одделение, во делот каде се опишуваат значајни имиња од македонската култура, како културни дејци беа наведени Тони Михајловски, Ферус Мустафов, Нора Шаќири, Есма Реџепова, Ристо Шишков, Никола Ристановски, Бодан Арсовски и други.

Тогаш јавноста реагираше и се бараше ревизија на учебниците во основно училиште. Во тоа време, министер за образование и наука беше Никола Тодоров, кој изјави дека процедурата на составување на учебник била сложена и тој не бил стручен за да ја оценува содржината на учебниците и дека за тоа имало компетентни лица кои биле едуцирани во тие области.

-Најпрво се распишува конкурс и целата процедура ја спроведува националната комисија. Потоа се одбираат најдобрите учебници и се предлагаат на министерот кој носи решение. Ни еден министер кај нас не бил и не може да биде стручен да ја провери содржината на сите книги. Секој министер како што правам јас, ќе се потпре на стручноста на рецензентите – се правдаше Тодоров пред осум години, а потоа најави дека ќе следи корегирање на спорната лекција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости