Министерството за образование и наука подготвува целосно нов модел на настава во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот. Целта на овие реформи, како што објаснуваат од МОН, е ученикот да добие целосна слика за одреден настан или тема, а тоа ќе се постигне преку интердисциплинарен и интегриран пристап.
– На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите кои ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности. Досегашниот модел на настава ги учи нашите ученици само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги изучуваат во основното образование. Ова го докажуваат и ниските рангирања согласно домашните и меѓународните истражувања и извештајот на ОЕЦД за нашата земја. Токму затоа е особено важно да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе го подобриме образованието и ќе негуваме креативни и иновативни ученици, соопшти Министерството за образование и наука по реакциите од најавата дека историја нема да се изучува како посебен, туку како дел од општествени науки.
МОН во соопштението посочува дека новата концепција за основно образование е развојна и се подготвува врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска и дека клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците кои, како што наведува – даваат јасна слика во која насока треба да оди нашето образование.
– Во овој момент во рамки на јавната расправа се дискутира за Концепт на образование, а не за конкретни наставни програми. При изработката на наставните програми ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование, итн). Во овој процес ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници од соодветните области и сите релевантни чинители, додава МОН во соопштението.