Од Зоолошката градина Скопје реагираат на интервјуото со поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски дадено за Фокус, во кое тој рече дека Зоолошката градина е претворена во црна кутија и никој не знаее што се случува внатре.
Оттаму велат дека не се точни тврдењата на Галетановски дека изминатите две години во ЗОО Скопје не се вршело дезинфекција на Зоолошката градина.
Во продолжение реакцијата:
„Во врска „Интервјуто со Ѓорѓи Галетановски: ЗОО Скопје сега е претворена во една црна кутија во која никој не може да знае што се случува внатре“ објавено на 22.10.2024 год. на focus.mk, од страна на соговорникот се изнесени невистинити тврдења за факти кои предизвикуваат штета на угледот на ЈУ ЗООЛОШКА ГРАДИНА НА ГРАД СКОПЈЕ.
Имено, неточни се тврдењата дека во изминатите две години во ЗОО Скопје не се вршело дезинфекција на Зоолошката. Тоа не е вистина, бидејќи ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА има склучено писмени договори со надворешни правни субјекти кои редовно вршат дезинфекција.
Така изнесените невистини влијаат штетно на работењето на Зоолошката градина, бидејќи може да ги обесхрабри љубителите на животни и нејзините редовни посетители, а тоа индиректно ги загрозува приходите и работата на јавната установа“ се наведува во реакцијата.