Министерството за транспорт и врски детектира многу проблеми на автопатот во изградба Кичево-Охрид, но министерот Александар Николовски вети дека ќе се вложат сите сили тој да биде завршен во 2026 година како што е напишано во програмата на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Дел од проблемите се однесуваат на експропријацијата, дел се за утврдените косини, а дел се однесуваат на дислокацијата на затекнатите објекти на трасата, кои во најголем дел се бензински пумпи. Како ќе правиме, ќе правиме, но ќе го оствариме ветувањето дека до 2026 година ќе имаме функционален автопат до нашиот најголем туристички центар – истакна Николоски.
Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, смета дека сме извлекле поука од автопатот Кичево -Охрид, а тоа е дека проектирањето на сериозни линиски инфраструктурни проекти бара поголемо внимание и подолг период на проектирање.
– Овој проект има долга историја, работен е во друго време, во 1999 година, со други сфаќања и решавање, а кога денес би се проектирал, ќе се нашле други решенија. Градежништвото, земјоделството и туризмот се единствените гранки што даваат целосен производ и затоа мора да им помогнеме. Мора да вложуваме во соодветен кадар, а сега градежништвото со нив стои лошо. Лани се запишаа само 60 студенти за градежни инженери, 8 за геодетски и само двајца за геотехнички инженери – додаде Марковски.
Орце Костов