Не се размислува за седми пакет економска помош, вели Битиќи

by Fokus

Во овој момент не се размислува за седми пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните за справување со последиците од корона кризата, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Разговори ќе имаме. Секојдневно разговарам со стопанските комори и ако навистина тоа е нужно ќе направиме одредена мерка зашто не знаеме колку ова привремено лимитирање на движење на граѓаните ќе влијае. За жал сме и во предизборен период и секоја мерка може да се протолкува различно и затоа нема да кажам дали ќе има или нема да има мерка. Само потврдувам дека се разговара и ако е вистински потребно заедно ќе ја донесеме, рече Битиќи во одговор на прашање при денешното означување на почетокот на тендерската постапка за изградба на клучка на крстосницата меѓу булеварот „Словенија“ и „Качанички пат“.

Тој посочи дека здравјето на граѓаните е пред сè.

-Ако треба да се прави компромис помеѓу  економска мерка за угостители и здравјето на граѓаните, здравјето на граѓаните е пред се, потенцира Битиќи.

Порача дека и претходно докажале дека секој загубен денар во секој сектор ќе се врати  кога тоа ќе биде потребно.

-Затоа ќе седнеме и ќе разговараме. Сметам дека во овој момент сите треба  да сме подготвени нешто да оставиме наспроти борбата што не чека против енормното зголемување на бројот на заразени од коронавирусот и секојдневната борба  за живот која е многу поважна од се друго, рече Битиќи.

Поврзани новости