Не се постигна договор за минималната плата на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) во Владата.
Ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии.
Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска изјави дека телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.
„Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница која ќе ја креираат. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална која ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Се дискутираше на неколку теми, меѓу кои и минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми“ рече Трајкоска.
Таа нагласи дека се работи за политички одлуки и елементи кои Синдикатот ги користи за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок.
Работодавачите денеска пред седницата на ЕСС рекоа дека е можно минималната плата да биде и повисока од 450 евра ако Владата субвенционира дел од придонесите.