Не се почитува принципот „загадувачот плаќа“, велат од ДЗР

by Fokus

Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства. Ова е заклучокот на Државниот завод за ревизија, кој изврши ревизија на успешност на тема „Даноците за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина“, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година.

-Стекнато е разумно уверување, дека стратешката и нормативна рамка, усогласеноста на националното со ЕУ законодавството за животна средина, воведување на начелото „загадувачот плаќа“, воведување на надоместоците за животна средина и инвестициските вложувања по одделни области обезбедуваат одреден напредок во однос на спроведувањето на политиките, но истиот е недоволен за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства, е заклучокот на ревизорите врз основа на опфатот и доказите обезбедени со ревизијата.

Од ДЗР појаснуваат дека, согласно воспоставената статистика, даноците за животна средина се класифицирани во четири категории и тоа: даноци за загадување, даноци за искористување на ресурси, енергетски даноци и транспортни даноци.

-Од вкупните даноци за животна средина, со ревизијата се опфатија: даноците за загадување и даноците за искористување на ресурси како и дел од транспортните даноци за животна средина, кои за периодот опфатен со ревизијата од 2019 до 2021 година, изнесуваат 838.142 денари, велат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле отсуство на интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво, а администрирањето на надоместоците за животна средина од повеќе институции не овозможува увид од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), надлежно за спроведување на политиката на животната средина.

-Со ревизијата е утврдено дека не се почитува принципот „загадувачот плаќа“ при утврдување на висината на надоместоците. Надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот дел на надоместокот за испуштање на води, утврдени се фиксни износи на надоместоците за управување со отпад, надоместоците за поседување на интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, а општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за пресметка на надоместокот за услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад, соопштуваат од ДЗР.

Поврзани новости