Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Битола рече дека лажни вести се тврдењата дека се планира продажба на дел од Македонскиот електропреносен систем оператор – МЕПСО.
– Оваа информација доминантно ја лиферуваат опозициските медиуми во државата, а и опозициската партија имаше прес-конференција. Се работи за неточни наводи и за лажни вести, а за тоа имаше соопштение и државната компанија МЕПСО која кажа дека ниту имаат разговарано, ниту разговара, ниту,пак, преговара со кого било за продавање на нејзин дел – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Тој нагласи дека станува збор за компанија во 100-процентна државна сопственост и додаде дека Владата нема водено никакви разговори за продавање на МЕПСО.
-Значи се работи за информација која е дезинформација во делот на МЕПСО и Владата, потенцираше Ковачевски.
Рече информација за продажба на МЕПСО на Грчкиот електропреносен систем оператор доаѓа од грчките медиуми, а премиерот посочи дека тие имаат своја стратегија.
-Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија, тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште – истакна Ковачевски.