Откако денеска на социјалните мрежи се прошири извдадок од предлог-текст на Законот за работни односи во кој стои дека мајката се стекнува со право на „мајчинско отсуство“ во времетраење од пет месеци, „Фокус“ праша во Министерството за труд и социјална политика дали ова значи дека се намалува породилното отсуство од 9 девет месеци.
Оттаму објаснуваат дека вкупното времетрање на породилното отсуство за мајката останува 9 месеци, со тоа што сега истото е поделено на мајчинско и родителско отсуство.
Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето , наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци, велат од Министерството за „Фокус“.
Ваквиот пристап е со цел изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата.
Дополнително, ќе биде предвидена и можност за флексибилни форми на работа, кои на двата родители ќе им овозможат да работат флексибилно, заради грижа и нега на дете, во форма на работа со неполно работно време, прилагоден распоред на работните часови или работа на далечина, во согласност со неговите потреби за давање грижа и нега на детето и потребите на работодавачот поврзани со работниот процес.
Ваквиот пристап е во потполна согласност со најновата Директива на Европската комисија, која се однесува на рамнотежата на приватниот и професионалниот живот на работникот. Овие отсуства ќе овозможат поголемо учество на таткото во процесот на нега и чување на детето од најраната возраст, додека истовремено ќе и овозможи на мајката побргу да се врати на пазарот на трудот. На овој начин, работничката – мајка, ќе може, исто како и таткото- работник да се еднакви во извршувањето на родителските должности, вклучително и правото на еднаков професионален развој, велат од Министерството.
Во моментов Предлог законот за работни односи е во нацрт верзија и периодов Министерството ќе организира серија јавни расправи со цел вклучување на јавноста и отворање на можноста за коментари.
Катерина Смилева Божиновска