Уште пред Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција официјално да се обрати до јавноста со известување дека отворило истрага против 13 физички лица и едно правно лице во врска со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, политичките партии од власта обвинија дека, освен врз буџетот се направила штета и врз здравјето на граѓаните, кои, според нив, биле труени со „канцероген мазут“.
„Врвот на лицемерието кога СДС и Венко Филипче ронат солзи за аерозагадувањето, а поради бизнис и пари нивниот пратеник и бизнис ас (Исмаил) Јахоски го труе народот со мазут. Денес нема да чуете од СДС загриженост поради загадениот воздух, но ќе видите како криминалците на Филипче поради провизии и бизниси го труеле народот со канцероген мазут. Колку училишта и министерства набавиле од канцерогениот мазут на другарите на Филипче?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, слично соопштение објави и нивниот коалициски партнер ВЛЕН, со тоа што тие нападот не го насочија кон СДСМ, туку кон нивниот главен противник -ДУИ. Според ВЛЕН, и овој случај покажал дека „сите патишта на ова раководство на ДУИ водат кон братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков“.
„Ратко Капушевски, поранешниот кадар на Груевски за директор на Борис Трајковски, како играч на Мијалков и Сергеј Самсоненко станува играч во бизнисот со нафта и се ортачува со синот на Исмаил Јахоски алијас Пуцко Петрол, човекот од највисока доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР, овој режимски картел неофицијално се сомничи за испумпување на 10 милијарди денари преку фиктивни договори чиј предмет е штетен за воздухот и отровен мазут“, истакнаа од ВЛЕН.
Во меѓувреме, се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој, одговарајќи на новинарско прашање, меѓу другото, изјави: „Овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани“.
Сепак, овој сегмент поврзан со квалитетот на увезениот мазут, за кој известуваа и дел од медиумите, посочувајќи дека имал „повисоко ниво на сулфур и други штетни метали“, кои може да го загрозат здравјето на луѓето, почвата и водата, не се споменува во соопштението на Јавното обвинителството во врска со отворената истрага, која всушност следува по спроведена предистражна постапка по иницијатива на Антикорупциската комисија. Во соопштението на Обвинителството се наведува:
„Во периодот на 2021-2023 година, двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата, остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра.
Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година.
Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД ЕСМ, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила„Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина.
Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на позајмица кон своето правно лице“.
Имајќи во предвид дека премиерот, владејачките партии, како и дел од медиумите говорат и објавуваат дека мазутот бил „канцероген“ и дека предизвикал штета врз здравјето на граѓаните и животната средина, до Обвинителството упативме прашање дали и овој аспект е дел од истрагата и дали има можност да се проверат ваквите сомнежи, со оглед дека мазутот веќе е употребен? Од таму го добивме следниов одговор:
„ Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при спроведување на истражните дејствија ги опфаќа сите околности поврзани со предметот во кој постапува, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата, како кон други лица, така и за други кривични дела за кои во текот на постапката се обезбедени и допрва ќе се обезбедат докази“.
Инаку, со истрага е опфатена компанијата-снабдувач „РМК“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, сопственикот на нафтената „Пуцко Петрол“ – Асмир Јахоски (син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски), поранешниот генерален директор на ЕСМ Васко Ковачевски, како повеќе секторски директори на државната компанија за производство на струја и членови на комисиите за јавни набавки.
За потсетување, по излегувањето на сторијата на ИРЛ „Заговор против воздухот“ во 2021 година, државните институции спроведоа сеопфатна анализа за увозот на мазут. Притоа, како што информираше тогашниот вицепремиер Љупчо Николовски, биле утврдени неправилности кај дел од компаниите-увозници и биле изречени решенија за забрана за работа и за пуштање во промет на мазут, а биле покренати и барања за одземање на лиценците. Вкупно, на 7 компании им беа изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра.
Тогашниот министер за економија Крешник Бектеши, пак, меѓу компаниите што ги прекршиле прописите ја наведе и „РКМ“ во контекст дека немала залихи и не водела точно сметководство, истакнувајќи: При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија, тоа е „РКМ ДООЕЛ“, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Од страна на Царинската управа, направено е прераспределување во правилна тарифна ознака, и од фирмата „РКМ“ е наплатен царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во износ од над 24 илјади евра“.
Сите наводи за „РКМ“ и за другите компании, кои продавале мазут кој не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива, дека имало отстапки на граничните вредности за квалитет на мазутот, дека мазутот имал поголем процент на вода, па дури и дека се произведувал мазут од отпадни гуми, тогашната Влада ги достави до Јавното обвинителство. Но, истрага беше поведена дури 5 години подоцна, и тоа за една од тогаш наведените компании, која засега е во фокусот поради милионски финансиски криминал. Сепак, не се исклучува можноста за проширување на истрагата, вклучително и во насока на еколошките последици од увезениот и употребен мазут.
Пред да заврши во притвор за мазутот, Капушевски куртули од кривичната за „Офицерски дом“!
Влатко СТОЈАНОВСКИ