Основното јавно обвинителство не побара притвор за адвокатот Васко Стојков кој го однесе во Србија Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Засега за него не е побарана мерка за обезбедување.
„За уште едно лице кое од вчера беше задржано 24 часа во полициска станица, до ОЈО Скопје е доставено известување. Јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат“, велат од Обвинителството.
Откако се објави дека Палевски е првоосомничениот за убиството на Вања и Жежовски, адвокатот рече дека не ја знаел таа информација и оти Палевски му кажал дека треба да оди на лекар во Белград, а нема автомобил.