Не само од „Идризово“, убиецот од „Мавровка“ избегал и од затворот во Прилеп

by Fokus

Не само од затворот „Идризово“, од каде избегал во април годинава, осомничениот за убиството на бизнисменот што се случи на 20 август кај трговскиот центар „Мавровка“, бил бегалец и од затворот во Прилеп.

Ова може да се заклучи од последната јавно објавена пресуда против осомничениот Елвин Куртовиќ.

Последното кривично дело за кое тој бил првостепено осуден во мај 2023 година било за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, за што добил една година и шест месеци затвор.

Тој е прогласен за виновен бидејќи во месец март 2022 година, во домот, кој не бил негов, а таму престојувал привремено, неовластено држел огнено оружје и муниција марка , кои му биле најдени додека полицијата правела претрес во неговиот привремен дом.

Од она што може да се сфати од пресудата, Куртовиќ бил фатен со пиштолот, во 2022 година, а тогаш требало да биде во затворот во Прилеп.

Всушност, во пресудата пишува дека Кривичниот суд веќе двапати го имал осудено за две кривични дела, конкретно за тешка кражба и разбојничка кражба.

Судот му ги споил двете казни и тогаш бил осуден на единствена казна затвор во траење од 10 години и четири месеци, казна, која, според пресудата, ја издржувал во затворот во Прилеп од 2018 година.

Од сево ова може да се заклучи дека Куртовиќ, кога бил фатен со пиштолот, веќе бил осуден на казна од повеќе од десет години затвор, но во пресудата нема објаснување дали по четири години, тој веќе почнал да користи слободни викенди и како се нашол надвор од затворот во Прилеп, каде што требало да биде.

При изрекувањето на последната пресуда, тој признал вина и се покајал, па побарал од судот да му изрече поблага затворска казна. Навел дека е татко на малолетно дете, а неговата мајка и сестра биле во многу лоша здравствена состојба.

Последна пресуда објавена против осомничениот за убиството кај „Мавровка“

Сепак, според информациите што ни ги дадоа од Кривичниот суд, Апелација му ја зголемила казната за држење оружје на две години, а на 2 ноември минатата година било донесено решение, кое било испратено до затворот „Идризово“, со кое казната му се спојува на над 14 години затвор. Но, ни во „Идризово“ не останал долго.

На 15 април годинава му бил даден слободен викенд, но никогаш не се вратил сѐ додека не изврши убиство.

Според информациите од Кривичниот суд, на 17 април, затворот го известил судот дека Куртовиќ не се вратил од слободен викенд и Министерството за внатрешни работи по него распишало централна потерница.

Но, во сите овие околу пет месеци, полицијата не успеала да го најде и да го врати во затвор.

Се додека не го уби Ефтимов, кога беше фатен и вратен во „Идризово“.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Убиецот од „Мавровка“ требало да биде в затвор до 2032 година

Поврзани новости