Не сакав, и мојот живот беше во прашање, рече обвинетиот за убиството на Ангел – пресуда на 26 март

by fokus

Јас не сакав, и мојот живот беше во прашање, и мене не ми беше лесно, кажа обвинетиот Насер Ештрефи за убиството на Ангел Петковски, коешто се случи во 2014 година, во своите завршни зборови во Кривичниот суд.

Денеска, завршни зборови даде и одбраната на обвинетиот Ештрефи, по што судот, објавата на пресудата ја закажа за 26 март.

Во завршните зборови, адвокатката на обвинетиот Ештрефи, Иванка Јакимовска нотираше шест работи кои што, според неа, треба да се утврдат за да се пристапи кон казнување. Помеѓу шесте работи таа наведе: Што му претходело на тој настан, како се одвивал истиот, од кого прво се нанесени ударите, дали обвинетиот сакал да се случи тој настан, дали се работи за претходно формирана волја за да го стори ова дело, како и дали по секоја цена треба да се прегази начелото на ресторативна правда, ако се земе предвид дека и обвинетиот бил повреден и за тоа никој не одговарал.

– Кражбата на велосипедот не е иницијална каписла за случување на овој настан, туку е однесувањето на сега оштетениот и неговиот син, кои што по секоја цена сакале да го стигнат крадецот и да се пресметаат со него на било кој начин, кажа бранителот.

Претходно, обвинетиот Ештрефи, со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје беше осуден на 14 години затворска казна, што беше потврдена од скопската Апелација. Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетитот Ештрефи беше вратено на повторно одлучување.

Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ешрефи од скопското село Грчец.

Случајот го води судијката Судија Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението во овој случај е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Поврзани новости