Не престануваат дојавите за бомби, повеќе од 100 училишта низ Србија се префрлија онлајн

by Fokus

Пријави за бомби во повеќе од 100 училишта низ Србија, наставата ќе се одржува онлајн, пишуваат српските медиуми.
Училиштата ќе ги информираат учениците и нивните родители за начинот на организирање на наставата и враќање во училишните клупи, велат оттаму.

Дојавите за подметната направа стигнале на адресите на е-пошта на неколку основни и средни училишта во Србија, соопшти Министерството за образование на соседната земја.

-Пријавите пристигнаа на адресите на -пошта на 134 основни училишта на територијата на Училишната управа на Нови Сад, како и во некои училишта во Пирот, Ниш, Бабушница, Власотинце, Лебане и Куршумлија, се наведува во соопштението.

Заради безбедност на учениците, училиштата го информирале министерството за заканата и полициски екипи се на терен, се додава во соопштението.

-До крајот на полагањето, наставата ќе се одржува онлајн, а учениците ќе бидат вратени во клупите, по потврда дека состојбата е безбедна. Училиштата преку редовни комуникациски канали ќе ги информираат учениците и нивните родители за начинот на организирање на наставата и враќање на директната настава, додаваат од Министерството за образование на Србија.

Медиумите потсетуваат дека ова е продолжение на дојавите за бомби низ Србија. Пред два дена бомба била пријавена во Клиничкиот центар во Војводина по електронска пошта, но немало потреба од евакуација.

 

Дојави за бомби праќани од Полска, Гамбија, Словенија, Украина, Русија

Српските истражни органи досега идентификуваа локации на вкупно 19 адреси на електронска пошта од кои се праќани дојавите за наводно поставени бомби на различни места низ Србија, соопшти синоќа српското МВР, јавува Нова ТВ.

Една од адресите е од сервисот „Протон Имејл“, а 18 се од „Гмаил“.

Според објавата од српското МВР, утврдено е дека осум од дојавите стигнале од Полска, четири од Гамбија, две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија.

За да се идентификуваат испраќачите на овие пораки, а со оглед дека се странски државјани кои не живеат во Србија, српските власти ќе спроведат меѓународна размена на податоците преку Европол и Интерпол со останати држави, како и со компанијата „Гугл“.

Закани за бомби изминатите денови српските власти добивале и од нивни граѓани, а според објавените податоци, за четири дена МВР процесуирано осум лица, српски државјани. Двајца од нив се уапсени, а против шест малолетници се поднесени кривични пријави.

Од 11 март до денеска телефонски или преку електронска пошта, до различни институции во Србија стигнаа стотина дојави за наводно поставени бомби на јавни места и во објекти, како трговски центри и бројни училишта, мостови, плоштади итн.

 

Поврзани новости