Не правете циркус од протестот поради ненамерна грешка, вели Темелков, иницијаторот на протестот, по повод грешната изведба на химната

by Fokus

Велешанецот Боби Темелков, кој долги години живее во Канада и е иницијатор и еден од организаторите на протестите за слобода на осудените за нападот во Собранието, побара народот да и прости на поп пејачката Нина Јанева Николовски, поради грешната изведба на химната.

Таа, за време на протестот, како и нејзината колешка Тамара Тодевска пред две години, го изостави стихот од химната каде се спомнуваат македонските револуционери, што предизвика револт кај дел од јавноста.
-Секој жив човек греши, нека ми се јави кој е безгрешник! Грешката, се согласувам, беше голема и не требаше да се случи, но да разбереме и дека беше сто проценти ненамерна. За неа изведувачот Нина Јанева се објасни и извини јавно!

Не дозволувајте од ненамерна грешка да се прави циркус од Семакедонскиот протест за браќата кои гнијат по македонските затвори – порача Темелков.

Тој додава дека од свое име, како иницијатор и еден од организаторите на протестот му се извинува на македонскиот народ за грешката при изведбата на химната.

-Живи луѓе сме, сите правиме грешки. Оваа грешка беше ненамерна и без никаква позадина – тврди Темелков.
Вчера и Нина во изјава за ,,Фокус” порача дека го испуштила стихот од премногу емоции за време на настапот. Рече дека нема оправдување, и покрај тоа што станувало збор за ненамерна грешка, го разбирала револтот на народот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости