Случајот ,,Таргет” на СЈО, за масовното прислушување во УБК, апсолутно застаре минатата година, поради што за него никогаш нема да има кривично правна разрешница и одговорност за незаконското прислушување.
Оваа правна ситуација не се менува ниту со новите околности кои ги наметна црната листа на САД, односно обвинувањата за мито и незаконско влијание во предметот, поради што ,,зацрнети” се апелациониот судија Енвер Беџети и поранешниот вице премиер Артан Груби.
Поточно, дури и во иднина да има судење и утврдена одговорност кај судијата Беџети, за наводно мито, тоа не значи ,,оживување” на предметот.
Ситуацијата е таква бидејќи предметот запре поради настапена апсолутна застареност за кривичен прогон на обвинетите, а поради скандалозните измени на Кривичниот законик, со кои се намали запретената казна.
Улогата на судијата Беџети беше што тој придонесе за застарувањето, бидејќи предметот го чуваше девет месеци во фиока пред Апелација да одлучи дека ја укинува првостепената пресуда и случајот го враќа на повторно судење. Кога предметот се врати во Кривичниот суд, судењето почна од почеток, но по неколку месеци беше консантирана застареност, предизвикана директно од законските измени кои беа донесени во меѓувреме.
-Судијата Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал предметот 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори. Овој предмет ќе застари, затоа што пресудата е укината, судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд“, стоеше во извештајот од извршената контрола на Судскиот совет.
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вчера информираше дека е отворен предмет за да се истражат обвинувањата за мито и влијание.
-Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Инаку, со првичната пресуда за нелегалното масовно прислушување ,,Таргет”, обвинетите добија затворска казна вкупно од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20.000 граѓани.
Валентина Вурмо