Бугарското Министерство за надворешни работи и бугарскиот претседателот Радев се јавија со пораки во врска со дебатите во Скопје, дека Софија во текот на преговарачкиот процес може постојано да и` поставува нови услови на земјава.
„Ние не поставуваме никакви нови услови. Единствено сакаме да се исполнат веќе преземените обврски, кои се вградени во Преговарачката рамка, која многу јасно опишува што треба да се прави“, изјави Радев.
Ова тој го истакнал во неговиот говор на синоќешната промоција на книгата на Спас Ташев „Борбата на македонските Бугари за права и самостојност – 68 случаи од периодот 1944-1994 година“.
„Верувам дека секој бугарски политичар и oпштественик кој се соочува со европските прашања и со темата за местото на РСМ во нив, треба многу јасно да сфати дека државните позиции треба да се градат врз основа на објективни историски факти, на експертиза и на човекови права. Ако сме одговорна земја членка на ЕУ која го почитува своето минато и сите луѓе кои ги дадоа животите за нашата иднина, не можеме да се откажеме од овие позиции, бидејќи тоа е чесниот став како членки на ЕУ“, порачал Радев.
На условите кои Бугарија очекува да бидат исполнети од страна на Македонија, потсетуваат и бугарското МНР.
„Компромисот за европската перспектива на Северна Македонија договорен во 2022 година има јасно запишани услови, кои земјата кандидат треба да ги исполни, како пред целосното отворање на преговорите, така и за време на целиот преговарачки процес. Компромисот опфаќа три, заемно поврзани елементи – заклучоците на Советот на ЕУ од јуни 2022 година, Преговарачката рамка за Северна Македонија, билатералниот Договор од 2017 година и мерките за негова примена (запишани во Протоколите од седниците на Меѓувладината комисија според член 12). Тој компромис е прифатен од сите земји членки на Унијата, тој е на сила, и механизмот договорен преку него има европски, а не билатерален карактер“, се вели во одговорот на бугарското МНР до агенцијата „БГНЕС“.
Потенцираат дека постигнувањето членство во ЕУ е континуиран процес со мноштво чекори.
„Еден од предизвиците пред Северна Македонија е решавање на проблемите со правата на Бугарите и развојот на добрососедските односи со Бугарија. Совладувањето на тие дефицити ќе биде оценувано во процесот на европска интеграција на Скопје, како еден од поставените критериуми во Преговарачката рамка. Земјата кандидат треба да започне целосни преговори за членство, што целосно зависи од впишувањето на Бугарите во нејзиниот Устав. МНР редовно ги информира партнерите на Бугарија во ЕУ и европските институции за состојбата со односите со Северна Македонија, вклучително и за нарушувањата на правата на Бугарите во соседната земја, што е дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ“, наведуваат од бугарското МНР.