Заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година на Комисијата за финансирање и буџет. Од поднесени 204 амандмани, од кои над 170 на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на СДСМ, беа прифатени околу десет.
На десеттиот, последен ден од расправата беа прифатени двата амандмана на СДСМ, кои се однесуваат за набавка на опрема и машини за јавно здравствените установи.
На крајот од расправата не помина амандманот на ССМ, предложен како комисиски, со кој вработените во јавниот сектор требаше да добијат зголемување на платите за 2.806 денари. Не помина и амандманот за парична помош за приватниот сектор.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побараа оставка од пратениците кои гласаа против предлогот.
-Благодарам на овие ненародни пратеници кои изгласаа „не“ за покачување на платите на работникот, тоа се пратениците Марија Ѓоргиеска, Даниела Марковска, Диме Велкоски, Марија Кочоска, Коле Чакарлиев, Арта Биљали Зендели, Бајрами кадрија и Панчо Минов кој не сакаше да гласа. Никогаш повеќе пратеници, никогаш повеќе гласот на работниците оставка одма, порача денеска претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Побара оставка и од заменикот министерот Филип Николовски, кој пак рече дека веќе е договорено зголемување на платите за околу 90.000 лица во јавниот сектор од вкупно 130.000.
Димовски информира дека штрајкот продолжува и изрази надеж дека премиерот ќе ги сфати нивните барања и ќе излезе во пресрет на работникот за „неопходните 2 806 денари за егзистенција“