Не пенали, туку трошоци од 53 милиони евра ќе плаќа државата доколку не се зголеми работната недела, потврдија од Влада

by Fokus

Од Владата демантираат дека договорот со „Бехтел и Енка“ предвидува пенали за конзорциумот доколку не се изгласаат предвидените законски измени, кои, меѓу другото, предвидуваат работниците кои ќе бидат ангажирани на автопатите да работат 60 часа неделно. Сепак од Владата потврдуваат дека државата ќе плаќа за трошоците кои ќе произлезат доколку се пробие рокот за изградба од четири години и 7 месеци.

„Ја демантираме шпекулацијата дека се предвидени пенали за државата доколку не се донесе пакетот закони во Собранието. Согласно обврските во склучениот договор, Изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на коридорите 8 и 10-Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства“, велат од Влада за „360 степени“.

Владата се обврзала да ги донесе законските измени во период од 45 дена од потпишување на договорот. До сега се изминати 34 дена.

Во врска со зголемувањето на работната недела од Влада велат дека измените се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес, како што е овој случај. Освен тоа, велат од таму, работниците ќе добиваат надоместок од 50 отсто плус за секој час работа во недела, како и надоместок за прекувремена работа. За ова, потенцираат, претходно ќе се обезбеди писмена согласност и од самиот работник.

Информациите за пенали со вртоглави суми, синоќа ги изнесе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостувањето во „Дневникот“ на ТВ Сител.

„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ’Бехтел‘ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“, рече Николоски повикувајќи се на договорот.

Поврзани новости