Не одиме на Евровизија, ама ќе учествуваме на виртуелен музички натпревар!

by Fokus

Македонија трета година по ред не учествува на популарниот музички натпревар Евровизија, но затоа пак, наши претставници ќе земат учество на глобалниот виртуелен музички натпревар Џојвижн.

Станува збор за натпревар кој се одржува четврта година по ред и на кој учествуваат претставници од цела Европа, а се одржуваат две полуфинални и една финална вечер. Гласањето е онлајн.

Преносот се врши на официјалниот Јутјуб канал на Џојвижн (Joy Vision), а наредното издание на натпреварот се одржува во земјата-победник. Според форматот на настанот, Џојвижн е еден вид на онлајн избор на најдобра песна од Европа.

Македонски претставници на Џојвижн 2025 се Лара и Пајак со песната ,,Бела” која ја промовираа на ,,Макфест” во 2023 година. Инаку, според правилникот за учество на Џојвижн, може да се учествува со песна која не е постара од пет години, која не била изведена на Евровизија или на Јуниорски Евросонг и која нема повеќе од 500 милиони прегледи на било кој музички канал.

Покрај Македонија, годинава на натпреварот чиј домаќин е Милано, ќе учествуваат и Србија, чија претставничка е Александра Пријовиќ, Бугарија, Полска, Германија, Ирска, Кипар, Литванија, Турција, Шпанија, Латвија, Словенија, Норвешка, Грција, Обединетото Кралство, Украина, Малта, Албанија, Словенија, Франција, Хрватска, Чешка, Шведска, Австрија и други.

Македонија настапува на првата полуфинална вечер на 21-ви јануари, втората полуфинална вечер ќе се одржи на 23-ти јануари, а пак големото финале е на 25-ти јануари.

Во минатото, односно на првото издание на Џојвижн, наш претставник беше 2Бона, и не влеговме во финале. Наредната, 2023 година немавме наш претставник, а пак минатата година Македонија ја претставуваше Лозано со песната ,,Ме нервираш”. И тој не успеа да се пласира во финалето.

Годинашните претставници, Лара Иванова и Пајак се доста популарни помеѓу помладите генерации. Неколку години се присутни на сцената, а нивните видеа имаат милионски прегледи на музичките канали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости