Ниту имам намера талибански да се однесувам ниту очекувам во 21 век талибанско однесување од кој било политичар, одговори Мицкоски коментирајќи ја најавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за вето. Мицотакис предупреди дека на претстојниот самит на НАТО ќе го постави како прашање почитувањето на Преспанскиот договор од новите власти во Македонија, особено во делот на употребата на уставното име на државата.
„Претпоставувам дека тоа е дел од нивната предизборна кампања. Не очекувам талибански однос, цензурирање на елементарно човеково право, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок идната влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, вклучително, еве, и решенијата за пратеници коишто ги добивме, ги добивме со придавката содржана. Вклучително и предлог-законот што денеска го доставувам е со придавката вклучена во него. Но, мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода на изразување и говор“, изјави Мицкоски.