Министерството за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, а негодувањата од страна на повеќе културни работници и уметници не изостанаа и годинава.
За каков проект, кој и колку државни пари добил во име на културата е актуелна тема деновиве. Чести се прашањата дали на уметници кои наплаќаат влезници на своите концерти треба да им се доделат државни пари за одржување на концертите, дали музички фестивали поддржани од општините во кои се одржуваат треба да добијат дополнителни средства од Министерството за култура, но и дали треба државата да финансира издавање на ЦД –а на поп и фолк пејачи кои имаат заработка од продажбата на истите.
На конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес имало голем одзив, односно во министерството пристигнале над 4.000 апликации од физички лица, здруженија, сојузи, трговски друштва и асоцијации.
Министерството ги поделило наградените проекти според дејности, и тоа – Библиотечна дејност, Драмска дејност, Визуелни уметности, архитектура и дизајн, Заштита на недвижно културно наследство и аудиовизуелни добра, Интердисциплинарни проекти, Литература и издавачка дејност, Меѓународна дејност, Музејска дејност, Музичко и музичко – сценска дејност и Фолклор.
За првата, Библиотечна дејност се одвоени 1.082.800 денари, најчесто за набавка на книги, за едукативни проекти, натпревари за библиотекари и слично.
За втората, Драмска дејност, одобрени се 36.800.000 денари. Средствата се одобрени за одржување на работилници во театар, за театарски фестивали, за претстави, монодрами и друго.
За третата, дејност за Визуелни уметности, архитектура и дизајн, одобрени се 24.055.000 денари.
За четвртата дејност, Заштита на недвижно културно наследство и аудиовизуелни добра, одобрени се 3.745.000 денари. Средствата се одобрени за археолошки истражувања, конференции, публикации и друго.
За петата дејност, Интердисиплинарни проекти, одобрени се 35.370.000 денари. Тие се наменети за разни фестивали, манифестации и слично.
За шестата дејност, односно за Литература и издавачка дејност, одобрени се рекордни 100.090.000 денари. Намената им е за литературни фестивали, саеми, издавање на книги и друго.
За седмата, Меѓународна дејност, се одобрени 47.634.600 денари. Тука спаѓаат реализации на фестивали, концерти, изложби и друго.
За осмата, Музејска дејност, одобрени се 26.865.000 денари. Средствата се наменети за изложби, карневали, археолошки истражувања и слично.
За деветата, Музичко и музичко – сценска дејност, одобрени се 100.050.000 денари. Со средствата се поддржани фестивали, концерти, турнеји, но и снимање и издавање на музички албуми.
За десетата дејност, Фолклор, одобрени се 25.025.000 денари. Тука спаѓа поддршка за издавање на музички албуми, концерти, фолк фестивали и слично.
Кога ќе се соберат одвоените суми за сите дејности заедно, се добива бројката од 400.717.400 денари, односно околу 6.515.730 евра за проекти од национален интерес во културата.
Од министерството информираат дека проектите на кои им се одобрени буџетски средства се добро аргументирани и го поттикнуваат културниот развој.
Линк до оддобрените проекти:
http://kultura.gov.mk/%D1%80%D0%B5%D0%B7%D1%83%D0%BB%D1%82%D0%B0%D1%82%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D1%88%D0%BD%D0%B8%D1%82e-%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D0%BA%D1%83%D1%80%D1%81%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D1%84%D0%B8%D0%BD/?fbclid=IwAR2T11wk1kGcn89hD9Bp8WDoWx7Tuum72U2xctFkirFbr5J3HXqQbXuZwG8
Вики Клинчарова