Прежални слики се ова, овде е хаос, за ,,Фокус” раскажува доброволецот Александар Георгиевски од Штип, кој вчера се упати кон Хрватска, да помага на населението погодено од разорниот земјотрес.
Раскажува дека пристигнал во раните утрински часови со автобус. Сопственикот на ,,Хисар”, кога слушнал дека тој ќе оди како доброволец да помага во Хрватска, им кажал на вработените да му дадат бесплатен билет, а исто така и млад човек, сопственик на бензинска пумпа, кога дознал за неговата хумана мисија, не му го наплатил бензинот на таксистот кој го возел до граница.
-Од општината јавно побарав помош, да се организираме повеќе доброволци, но ете, така излезе, јас сум единствениот кој што тргна кон Хрватска. Веднаш штом стигнав, започнав со работа.
Ситуацијата овде е хаотична, многу луѓе, пристига помош од сите страни. Постојано доаѓаат шлепери од сите краеви, ја растовараме помошта која се носи, потоа со комбиња ја разносуваме до магацини или пак директно до луѓето на кои им е потребна. Има многу работа за доброволците, сигурно ќе останам најмалку уште два дена, целата хуманитарна помош, сите овие пакети треба да се складираат и да се распределат. Нема време за разговор, не се ни прашуваме кој од каде дошол, сите сложно работиме, од сите краеви од регионот – вели штипјанецот.
Георгиевски во минатото работел како пожарникар и важи за голем хуманист во родниот Штип. Вчера, набргу по веста за земјотресот, тој јавно повика кој сака да оди со него во Хрватска и да помогне на тамошниот народ, апелирајќи на хуманост и солидарност.
Вики Клинчарова