Ние не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум. Подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија. Тоа исклучиво зависи дали 27-те членки ќе се усогласат и ќе донесат одлука за отпочнување на првата меѓувладина конференција Тоа во моментов зависи од само една земја-членка на ЕУ којашто држи две земји-членки, две кандидатки – Северна Македонија и Албанија на патот за интеграција во Унијата.
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц кој е во официјална посета на државава.
Во однос на политичките турбуленции во Бугарија, откако партијата „Има таков народ“ најави напуштање на Владата во Софија, Ковачевски истакна дека ние на ниту еден начин не можеме да учествуваме во нивното или коментирање или на кој било начин толкување, со оглед на тоа што ние сме држава што води активни разговори со Бугарија.
– Тие разговори се водат на принципиелна основа на база на европски вредности. Ние во текот на преговорите со целиот свој капацитет учествува МНР, СЕП и тоа врз основа на одредбите од Резолуцијата што ја имаме донесено во нашето Собрание. Во однос на самите преговори јас веќе истакнав до сега дека кога се работи за преговори тогаш еден од предусловите преговорите да бидат успешни се страните што преговараат да бидат доверливи во процесот, односно да сакаат да се дојде до решение. Ние сме страната која што сака да се дојде до решение, ги кажав принципите врз основа на кои. Исто така и Бугарија треба да биде подготвена тоа да го направи, рече Ковачевски.
Премиерот повтори дека откако МНР ќе дојде до документ што е заемно прифатлив за двете страни тогаш ќе може да бидат споделени тие документи со институциите во двете држави и оти во овој момент таков заемно прифатлив документ не постои.
Ковачевски, на прес-конференцијата со Шолц уште еднаш се заблагодари на поддршката од Германија за отпочнување на преговорите со ЕУ.