Се надевам дека наскоро ќе имаме соговорник, во однос на политичка влада кај комшиите, изјавата на Петков охрабрува и на некој начин е реална, вели Никола Димитров, потпретседател во Владата за евроинтеграции.
-Проблемот трае веќе две години. Односите се изместија, мислам дека е крајно време да се обидеме да ги вратиме односите кон добро. Влогот е огромен, за македонско-бугарското пријателство бидејќи на некој начин сегашната политика на уцена на блокада и вето не раздалечува. Не можеме да градиме пријателство со Бугарија ако се гледаме како противници – истакна Димитров на ТВ 24.
Тој потенцира дека актуелниот претседавач со ЕУ, Словенија има стратешки интерес „да го мрдне регионот кон Европската Унија“, потсетувајќи дека по неа претседавањето со ЕУ го презема Франција, каде на пролет се предвидени претседателски избори.
-Иако преференцата е декември, од неколку главни градови во Европа слушам дека и јануари сепак останува како можност да се успее, што ни дава можеби малку повеќе време, иако мислам дека фокусот треба да ни биде на декември – изјави Димитров.