Не може на Инфективна клиника да работи персонал, кој што не е вакциниран, вели министерот за здравство

by Fokus

Министерот за здравство д-р Илир Демири во вчерашното гостување во „Тема на денот“ во вестите на телевизија Сител, говореше за важноста на вакцинацијата како најдобар начин  за превенција на голема кашлица. Министерот истакна дека медиумите, здравствените работници, треба да ги здружат силите за заштита на децата, односно да се намалат лажните вести во јавноста поврзани со вакцините.

„Јас како инфектолог тврдам дека најголемо достигнување во здравството не само во Република Северна Македонија туку на светско ниво е вакцинацијата. Само ќе направам една компарација кога е воведена за прв пат вакцината за пертусис (голема кашлица) во 1955 година до 1959 година имало отприлика околу 13.800 заболени и за жал 100 мали деца завршиле со смртен исход. Вакцинацијата опаѓа во 2022 година кога стапката на вакцинација со ДиТеПер била некаде околу 98%, во 2023 година опаднала уште повеќе и е 83,9%. За да се смета дека има колективен имунитете, преференциите и таргетот е над 95% да има опфатеност на вакцинација кај деца“- вели министерот Демири.

До 8 февруари, Институтот за јавно здравје регистрира вкупно 22 случаи на голема кашлица. Тоа е повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос на минатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно девет случаи. Министерот за здравство Демири истакна дека Министерството за здравство има обезбедено околу 356 милиони денари за програмата за вакцинација каде се опфатени редовно снабдување со вакцини, резервни вакцини и имуноглобулини.

„Програмата за вакцинација има предвидено и  кампања за сензибилизација на свесноста и добро информирање на сите граѓани колку е битно да се вакцинира едно дете, оти на крајот на краиштата пертусис е вакцино-превентвно заблоување, ако се вакцинира нема да се разболи. Треба едукација секое дете кое не вакцинирано прво да се вакцинира, а потоа да оди во градинка или училиште-рече Демири.

Министерот истакна дека би се заложил, вакцинацијата да биде задолжителна за секој еден вработен во здравствениот сектор-сестри, лекари, посебно оние здравствени работници кои работат со имунокомпромитирани пациенти.

„Не може на Инфективна клиника да работи персонал кој што не е вакциниран“- рече д-р Демири, министер за здравство.

Поврзани новости