Не може да се открие причината за смртта на починатиот во Струмица – ќе се прави реобдукција

by fokus

Струмичкото обвинителство издаде наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото кое беше пронајдено на 7 овој месец во местото Ореш, во атарот на струмичко Ново Село, бидејќи обдуцентите и по неколку денови не можеле да се произнесат за причините заради кои настапила смртта, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Во информацијата стои дека резултатите од реобдукцијата се уште не се пристигнати во Обвинителството, а при увидот кај починатиот биле констатирани повеќе повреди кои првично упатуваат на насилна смрт.

– Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Струмица, со цел утврдување на фактите во случајот, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица поднесе повеќе барања за издавање наредби за претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор од еден угостителски објект, како и наредба за вештачење на мобилни телефони.

Од мобилните оператори побарани се податоци за остварена телефонска комуникација, а издадена е и наредба за вештачење на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот. Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично се пребаруваше два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, стои во денешната информација од ЈО.

МВР на 8-ми овој месец информираше дека вечерта на 7 јуни во 19:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека било пронајдено починато машко лице на возраст од 25 години.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека МВР го крие убиството и ги крие сторителите.

-Обвинителот Златко Иванов од ОЈО Струмица постапил по случајот со убиството во Ново Село – Струмичко. Во текот на постапувањето, обвинителот констатирал дека обдукцијата на телото била направена нереално, односно дека било манипулирано со трагите од насилство врз телото. Според информациите, надлежните во судска медицина биле под притисок да изготват несоодветен извештај, односно да направат нереална обдукција на телото, со што истрагата би се затворила веројатно како несреќен случај или нешто слично.

За ова бил запознаен и шефот на ОЈО Струмица – извесен обвинител Миле Петков, кој молчел и не се интересирал за овој случај, затоа што знаел каде ќе заврши истрагата. Ова е случај кој бил поврзан со наркотици и претпоставувате кој може да врши опструкции на истрагата, односно кој е тој што го контролира како пупка расцветаното правосудство со 8% доверба, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости