Се случи народ пред Влада. Продолжувањето на сила „Како до сега“ не го препорачувам. Поради Македонија, крајно време е за одговор КАКО ОД СЕГА?! А за тоа на суфлерот Али и марионетата Таче, времето им измина!
Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ (портпарол на ВМРО-ДПМНЕ)
„Како до сега“! – како од пушка повтори Таче по Ахмети, потврдувајќи ја онаа слика за полтронство, марионетство и подаништво под чизмите на партнерот.
И ова суфлирање од Ахмети како да одговори; еј премиер на држава; е откако Еди Рама го понижи среде Грција! За човекот со име Димитар Ковачевски, познат како Таче, тоа беше шега „да се искинеш од смеење“. Исто како што Али Ахмети се искина од смеење кога Таче го повтори тоа што тој му го суфлираше пред сите.
Човекот Таче можеби заборава на која функција е октроиран. И таков, Таче, со ореол на марионета во политиката, ден по најголемиот протест на опозицијата, по излевање на 70-тина илјади луѓе пред Владата, си дозволи Али Ахмети да му биде гласен суфлер на прашањето „како ќе продолжите“. И тоа е само еден аспект на прашањето што целосно ја отслика кризната – катастрофичната – состојба.
„МОСТ ЗА ИЗВОЗ“
И оттука, прашувам, што ти значи тоа „Како до сега“?
Дали „Како до сега“ значи народот ќе тоне во сиромаштија, цените ќе лудуваат, а голтарите што во политиката влегоа со излитени јакни од вештачка кожа, со коса на вратот и превисоко чело, сега газат „прада“ патики од 800 евра?
Дали „Како до сега“ значи нови 60 луѓе во само три месеци живи да горат, во болница или во службен автобус, а никој нема да сноси одговорност? Дали „Како до сега“ значи ќе има изживување, ќе се пцуе и ќе се навредува во Собрание, а вие ќе се криете да нема седница за одговорност?
Дали „Како до сега“ значи дека „битанги“ блиски на втор човек во Биро за јавна безбедност ќе вадат пиштоли на полиција и ќе бидат ослободувани? Дали „Како до сега“ значи дека ликови како Теута Арифи на сила ќе ги туркате да ги примат за амбасадори, додека државата трпи дипломатски порази?
Дали „Како до сега“ значат нови 32.000 партиски војници во администрацијата? Дали „Како до сега“ значат нови 215.000 помалку работоспособни во Македонија? Дали „Како до сега“ значи уништување на РЕК Битола и неказнето „копање биткоини“ на државна сметка по институции и трговски центри, додека струјата јаде половина плата?
Дали „Како до сега“ значи дека ќе молиме и ќе зависиме за жито и храна од милостивоста на соседите? Или „Како до сега“ значи дека ќе молиме за зејтин, бидејќи „капка“ нема во државата, ама ќе се прави „мост за извоз“ и некои дебело да ќаруваат од тоа?
Дали „Како до сега“ ќе се гази врз достоинството на наставниците, професорите, на воспитувачките во градинка, човеку, затоа што ги силувавте за време на штрајк? Дали „Како до сега“ ќе сркате од златните лажици и ќе се возите во прескапи „лизинг“ возила додека од литро бензин и нафта од уста земате по векна леб насушен?
Дали „Како до сега“ ќе чекате со Бочварски, пуленот на Зоран Заев, пет години за Кичево – Охрид, или три години за два километри кон Блаце? Дали „Како до сега“ уште пет години ќе се чека за клинички центар во Скопје? Дали „Како до сега“ коалициски ќе ја подмируваш Билјана Јовановска (ПЕП21) со директорски места во Агенција за вработување или ПИОМ?
ШТО РАБОТАТ АЛИТИ И ЧУПИ?
Дали „Како до сега“ ќе го раниш со министерска плата Горан Милевски (ЛДП), кој во свое маало, во Битола не влезе во втор круг на Локални? Дали „Како до сега“ ќе имаш 16 министри и 16 заменици, како и четворица „заменици на Таче“ на кои повеќетемина од луѓето името не им го знаат? Дали „Како до сега“ Адмирим Алити и Џемаил Чупи ќе добиваат 137.000 денари месечно плус платени придонеси и давачки, а никој не знае што работат?
Дали „Како до сега“ за тројца пратеници и гласови за поддршка во Собранието, од буџет ќе се плаќаат тројца министри, тројца заменици министри и пет директорски места, што ти ги договори Заев?
Дали „Како до сега“ Бислимовски, Ковачевски, Матевски или едикојси ќе земаат по 2.000 евра плата од Регулаторна или АД ЕСМ додека народот купува свеќи и се подготвува за енергетски колапс?
Дали „Како до сега“ ќе се плаќаат т.н. „колумнисти и аналитичари“ преку советнички плати во владата или директорски позиции, на пример во МЕПСО или Министерството за одбрана, по телевизии и Фејсбук да ги бранат поразителните политики и да шират лаги?
Дали „Како до сега“ за предавства, договори, ветувања за идентитетот, Македонија ќе дознава од странски весници или пофалби од интервјуа на странски државници? Дали „Како до сега“ белосветски мафијаши ќе вадат оригинал пасоши со македонски идентитет, а даночните обврзници на Македонија ќе чекаат редови за згрешени изводи за родени?
Дали „Како до сега“ ќе се кријат имињата на оние богаташи и олигарси што имаат баснословен имот во Дубаи? Дали „Како до сега“ ќе нема истрага за каков и од кого тоа криминал и корупција една третина од германските индустријалци би си заминале од Македонија?
Има многу прашања за тоа што значи „како до сега“. Но, еден е одговорот. Помина времето за владеење „Како до сега“. Се случи народ пред Влада. Продолжувањето на сила „Како до сега“ не го препорачувам. Поради Македонија, крајно време е за одговор КАКО ОД СЕГА?! А за тоа на суфлерот Али и марионетата Таче, времето им измина!