Физичката пресметка во Собранието помеѓу претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбр Адеми од ДУИ и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ги покрена прашања во јавноста дали пратениците за време на својата работа консумираат алкохол во собранискиот ресторан.
Оваа тема уште повеќе ја подгреа поранешниот пратеник Павле Трајанов, со изјавата дека достапноста на алкохолот во Собранието е уште една од мноштвото причини за таквата атмосфера.
На тема дали пратениците, за време на своето присуство на седниците во Собранието, каде имаат одговорна работа во донесување на закони и прописи, се случува да бидат под дејство на алкохол, кој ги пореметува функциите на централниот нервен систем и е причина за нерационално однесување, и дали алкохолот им е достапен во собранискиот ресторан, ,,Фокус” разговараше со поранешен пратеник, кој долги години наназад беше дел од пратеничкиот состав.
-Во собранискиот ресторан не се служи алкохол, но сепак, иако поретко, имало случаи кога пратеници си прошверцувале по некое шише. Вработените во ресторанот, дури некој и да побара чаша алкохолен пијалок, отсекогаш јасно потенцирале дека освен што го нема на менито, строго е забрането да се консумира во ресторанот. Сепак, овие луѓе носат закони и одлучуваат за прашања важни за цело општество, и мора да бидат свесни за својата одговорност.
Но, да, во моето долгогодишно искуство како пратеник, имало ретки случаи кога пратеник си понел со себе алкохол во ресторанот, но не се случило некој да биде пијан, на очиглед на сите.
Затоа сметам дека приказната како пратеници доаѓаат на седници под дејство на алкохол е повеќе обид за некој да си прави политички игри, отколку вистина – вели нашиот соговорник.
Околу цените во ресторанот, кој е државен, односно под Службата за општи и заеднички работи, потврдува дека се ,,непристојно” ниски.
-Точно е дека се што се нуди на менито во собранискиот ресторан е со цени кои се неверојатно, би рекол дури и непристојно ниски. Значи, до пред неколку години, кога јас бев пратеник, имав комплетно мени со салата, главен оброк и пијалок за околу 170 денари. Сега, колку што сум информиран, за околу 200 денари пратениците добиваат целосно мени, а храната која се нуди е одлична. Не знам зошто е тоа така, но отсекогаш во ресторанот можело добро да се јаде за багателни цени.
Алкохол не се точи таму, но ете, имало изолирани случаи да се прошверцува по некоја чашка.
Конкретно, случајот со физичката пресметка во Собранието на кој сведочеше целата јавност е голем срам, и за жал вакви случки има во цел свет, но од друга страна, подобро пратениците меѓусебно да покажат вакво нетрпение, отколку нетрпението да ни се случува надвор, на улиците помеѓу народот – ни изјави нашиот соговорник.
Вики Клинчарова