Не го прифаќаме каењето на трујачот кој свесно расфрли отров и бараме затворска казна, реагираат кавадарчани

by Fokus

Граѓански здруженија за заштита на животните од Кавадарци ќе се жалат на судската одлука според која трујач од чиј разорен отров во агонија почина маалското куче Белка, доби условна казна и глоба од 300 евра.

Настанот кој ја вознемири јавноста се случи на 9-ти ноември, кога трујачот од населбата Глишиќ, маж на возраст од 32 години, исекол неколку парчиња салама и ги испрскал со разорен отров кој се користел за прскање на земјоделски култури. Ги оставил пред двор, каде живееле четири семејства, но исто така имало и голема фреквенција на луѓе и сите ги изложил на сериозна опасност.

Од мамците со отров почина маалското куче Белка, а граѓаните бурно реагираа и бараа да се открие и казни трујачот, кој освен на животните, ги загрози и животите на луѓето. По неколку дена истиот беше откриен и во полиција го признал делото.

Трујачот беше обвинет за предизвикување општа опасност и мачење на животни.

Условната казна која му беше изречена ги разгневи граѓаните, кои посочуваат дека со ваква пресуда само им се дава поттик на останатите трујачи во земјава да продолжат со расфрлањето на отров на јавни површини, и потенцираат дека е само прашање на време кога и човек ќе настрада од ланатето кое е широко распространето и годишно стотици животни умираат во најголеми маки од раката на трујачите.

-За отруената Белка и расфрланиот отров на јавна површина условна казна и глоба од 300 евра! Не сме задоволни со пресудата, затоа ќе поднесеме жалба на дадената одлука за условната казна на сторителот. Не прифаќаме каење од сторителот затоа што стореното дело го извршил со умисла! Ќе бараме да биде казнет според законот и да добие затворска казна. Белка никој нема да ја врати назад, но таа заслужува правда и затоа оваа одлука не смее да остане само со условна казна – истакнаа од граѓанското здружение ,,Спаси живот, добиј живот, помогни на животните” од Кавадарци.

Како што информираа од обвинителството, трујачот изразил каење за тоа што го сторил, па затоа и од таму до судот доставиле предлог за условна казна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости