Јавното претпријатие за третман на бездомни кучиња –Лајка од Скопје, апелира до хуманите граѓани да помогнат со донирање на стари ќебиња и топли прекривки, кои во зима се потребни за кучињата.
Како што е појаснето, во прифатилиштето има од 100 до 130 кучиња, и секоја помош е добредојдена.
На страницата на претпријатието веќе се објавени фотографии од донациите, кои започнале да пристигаат од повеќе градови во земјава, но сепак бројот на подарени прекривки не бил доволен.
-Земајќи ја во предвид лошата финансиска состојба во која се наоѓа претпријатието, ЈП Лајка објавува повторно апел до граѓаните за донирање на стари ќебиња, дебели престилки, тепихчиња, јамболии, черги, оштетени стари џемпери кои не ги користите, а се акумулирале со текот на времето во вашите домаќинства и се размислувате да ги фрлите.
Наместо да завршат во отпад, направете хумано дело и донирајте ги за кучињата згрижени во ЈП Лајка. Истите може да ги донесете директно во самото прифатилиште, на адреса ул.840 бр.2 во населба Маџари, секој ден од 09:00 до 19:00 часот или доколку не сте во можност да ги донесете испратете ни меил на info@lajka.com.mk, како би се организирале за подигнување.
Поради финансиските потешкотии со кои се соочуваме и не сме во можност сами да ги обезбедиме овие потребни топли помагала за кучињата во ЈП Лајка, ги повикуваме сите добри луѓе на хуманост, во пресрет на студениот зимски период.
До сега беа собрани неколку донации со ќебиња и прекривки од хумани граѓани на кои сме им навистина благодарни, но за жал не се доволни со оглед на тоа дека прифатилиштето има капацитет за згрижување на 100-130 кучиња –информираат од ЈП Лајка.
Вики Клинчарова