Не е време за поделби, никој нема корист од тоа, вели Ковачевски

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека средбата сама по себе е позитивна бидејќи сите претседатели на парламентарните партии биле присутни, освен двајца, но оти сепак заклучоци од средбата нема. На средбата информирал за евроинтеграцискиот процес, но и за енергетската состојба во земјата, за законите од областа на правото што треба да бидат донесени, како и за Буџетот за 2023 година.

Ковачевски беше дециден дека граѓаните треба да знаат дека процесот на европеизација не е проект на една поединечна политичка партија и дека од Собранието мора да се испрати пораката дека тоа е национален проект во кој мора сите да дадат свој придонес, бидејќи се работи за државата, и за граѓаните.

-Пред нас стојат многу предизвици, а она што го нагласив и денес пред претседателите на парламентарните партии е пред сѐ потребата за непречено функционирање на Собранието, бидејќи истото е исклучително важно за нашиот европски пат. Потребно е да се вклучат сите партии, сите пратеници и да се одблокираат процесите, за да може да имаме поефективни решенија, особено за законите кои се однесуваат на судството, кои се важни и за владеењето на правото како постулат, важни се за нашиот европски пат, но уште поважни се и за враќањето на довербата на граѓаните во судската власт, истакна Ковачевски.

Зборувајќи за одговорноста што партиите ја имаат во процесот, потенцира дека Владата, но и СДСМ како владејачка и државотворна партија, се отворени за соработка за сите решенија кои ќе придонесат за да се постигнат тие цели. Инклузивност и обединетост по прашањето на евроинтеграцијата е повеќе од потребно, смета Ковачевски.

Според него, треба да се покаже политичка волја и капацитет за да се валоризираат сите досегашни заложби и напори и во најбрз можен рок да станеме членка на ЕУ.

-Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел. Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат. Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа, рече Ковачевски.

Поврзани новости