Штипскиот градоначалник Благој Бочварски за месеците април и мај и ќе земе минимална плата од 14.500 денари, а остатокот решил да го донира во фондот за борба против Ковид 19.
Тој ја објави својата одлука на социјалните мрежи, и порача дека не е време за калкулации, туку за солидарност.
-Јавно ја поздравив одлуката за солидаризирање, хуманост и поддршка на институциите во борбата со корона вирусот. Останувам на ставот дека јас како избрано лице треба да добијам минимална плата, а останатиот дел ќе го донирам во фондот за борба против Ковид-19, без разлика на тоа каква ќе биде одлуката на Уставниот суд. Ова е борба на целото човештво против оваа пандемија, затоа нема место за калкулации, потребна е заедничка акција, да помогнеме, да дадеме свој придонес, да се солидаризираме – извести Бочварски.
Мерката за справување со кризата поради вирусот, да се додели минимална плата во износ од 14.500 денари на пратениците, советниците, уставните судии, директори и раководители, наиде на отпор кај Уставниот суд. Уставниот суд вчера поведе постапка за поништување на Уредбата за намалување на платите на 2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, а голем број од уставните судии сметаат дека мерката е дискриминирачка.
Со тоа, Уставниот суд спречува обезбедување околу 240 милиони денари (3,9 милиони евра) во Буџетот за мерки за справување со КОВИД-19.
Вики Клинчарова