Новиот претседател на Советот на јавни обвинители, битолскиот обвинител Антонио Јолевски смета дека треба да добијат ингеренции како Судскиот совет. Во разговор за „Фокус“ зборува за проблемите со кои се соочуваат, но и за (не)транспарентноста, недостигот од кадри, судирот со шефицата за организиран криминал, Вилма Русковска.
ФОКУС: Зошто Советот на јавни обвинители не дозволува он лајн да се пренесуваат седниците?
ЈОЛЕВСКИ: Донесовме одлука да не се пренесуваат он лајн седниците, туку да се дозволи присуство на новинари онолку колку што може. На последната седница на која се избираа обвинители во Обвинителеството за организиран криминал не следеа четири- пет новинари и беа отворени вратите од салата.
ФОКУС: Дали е достоинствено на колена да пишуваат новинарите, кога многу поекономично е он лајн да се пренесуваат седниците?
ЈОЛЕВСКИ: Ги прифаќам забелешките и не е во ред од ходник да следат новинарите и да не знаат кој член зборува.
ФОКУС: Под притисок на медиумите еднаш веќе се дозволи одржување на он лајн седница и тоа добро функционираше. Зошто се вративте на старо и повторно го навлековте гневот на јавноста?
ЈОЛЕВСКИ: Така беше, но кога бев во Собрание на излагање на Извештајот ми рекоа дека таа седница била најнeтранспарентна. Не можев да се соземам кога го слушнав тоа , затоа што се пренесуваше во „живо“.
ФОКУС: Па, не ви е виновна јавноста за тоа, туку членовите на Советот кои калкулираа, молчеа и не се изјаснуваа.
ЈОЛЕВСКИ: Некои членови велат дека во такви услови дискусиите им одат потешко и чувствуваат голем притисок. Негативно се одрази и во делот на кандидатите , бидејќи на одредени колеги почнаа да им префрлаат и да им пишуваат пораки уште на самата седница. Зошто не сум избран/а?
ФОКУС: Ајде Ве молам, па тоа е дел од професијата. Ако сте сигурни во изборот, што е важно кој ви пишува?
ЈОЛЕВСКИ: Точно е тоа. Секогаш сме подготвени да дадеме образложение зошто е избран некој кандидат,а не е избран друг. Меѓутоа, пак, ќе речам притисокот кој го чувствувале членовите бил голем. Јас лично немам проблеми. Тоа е индивидуално, но мнозинството смета дека он лајн седниците не се во ред.
ФОКУС: Судството прави напори да се отвори, ама вие во време на модерни технологии, уште повеќе се затворате. Планирате ли нешто да промените?
ЈОЛЕВСКИ: Веројатно хиерархијата и субординацијата си го прават своето и ако го гледате Законот за јавно обвинителство, се е поврзано во една пирамида на чиј врв е државниот јавен обвинител. Од таму одат сите информации и тој има служба за информирање. Не можеме во тој дел да влијаеме.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше Гордана ДУВЊАК