Новоизбраниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази денеска се појави во јавноста откако 66 обвинители го изгласаа да го води најважното Обвинителство во земјава кое треба да гони организиран криминал и кое гони и поранешни, но и актуелни функционери кои го прекршиле законот.
Од првиот негов настап се забележуваше дека Абази ретко се појавувал пред камери и дека ретко бил под светлото на рефлекторите, но вети дека професионално и законито ќе го претставува ова обвинителство заедно со колегите обвинители.
Иако е родум од Зајас, родното село на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, тврди дека немал лични контакти со него или со функционери на ДУИ, но сепак остави простор дека можеби се сретнале или се дружеле, затоа што дружењето за обвинителите не било забрането.
-Не е точно дека сум во блиски релации со Али Ахмети. Јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција и членување во политичка партија, па според тоа никогаш не сум бил, ниту сум член на било коа политичка партија, ниту пак во моето досегашно работење јас сум оставил впечаток дека сум имал одредени релации или позиции со одредена политичка партија. Може сме се сретнале (со Али Ахмети), но лични контакти немам, немам со никој од ДУИ, рече Абази.
Новинарите најмногу се интересираа за неговата поврзаност со ДУИ, дали се знае со Ахмети, дали се сретнале, дали се дружи со функционери од ДУИ, па Абази објаснуваше дека дружење не му е забрането ниту со ДУИ, ниту со кој било друг и според него е битно да не се премине линијата на непристјност, односно да не се комуницира со некој што е учесник во некоја постапка или за него има некој оформен предмет.
Иако не излезе воопшто во јавноста, како другите противкандидати и јавно не ја претстави својата програма, тој објаснуваше дека бил во постојана комуникација со колегите обвинители и нив лично им ја објаснувал својата програма и визија.
Досега не работел предмети од организиран криминал и за него ова е предизвик, откако работел во кичевското обвинителство, па во Вишото обвинителство во Гостивар, кое го водел четири години. Учествувал во изготвување на многу закони и работни групи, но никогаш не направил анализа зошто во овие 20 години, додека ДУИ е на власт, нема гонето ниту еден функционер од оваа партија.
Ф.Ф.С.