Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски вели дека е благодарен на партијата за номинацијата, додавајќи дека иако ВМРО-ДПМНЕ располага со огромен човечки потенцијал и некој друг исто така би можел да го води овој ресор, одговорноста паднала на него поради искуството во областа на правото.
Одговарајќи на прашањето зошто тој, а не некогашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, Тошковски повторно укажува на искуството во правото. Прашан дали има информации дека Чулев не поминал кај дел од НАТО-партнерите на земјава, Тошковски вели дека не слушнал такво нешто.
-За Наќе Чулев можам да кажам дека е добар човек, дека е човек којшто си ја сака Македонија, човек којшто има големо професионално искуство и човек којшто мислам дека врз основа на неговата емпирија може многу да помогне. Но, која е суштинската позиција врз основа на којашто е одлучено да бидам јас? Тоа е токму мојот потенцијал, моето искуство и мојата емпирија во делот на ова другово – владеење на право, потребата за промена во рамки на полицијата од овој аспект, во делот на еднаквост на сите пред законот, во делот на постапување на министерството за внатрешни работи од аспект на позиција на сервис на граѓани, а не репресија, изјави тој во интервју за „360 степени“.
Тој не крие дека е личен пријател со претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не смета дека е одбран да биде дел од техничката влада врз основа на тоа пријателство.
-Апсолутно не е исклучиво поради личното пријателство. Го има моето сиви, сите можат да го погледнат. Има огромен број постапки во коишто сум учествувал, како граѓански, така и кривични. Од позиција на адвокат имам добро искуство во делот на административна работа како претходно вработен во Министерството за транспорт и врски, имам искуство во суд како волонтер и тоа во период од повеќе од година дена. Така што, мојата досегашна институционална меморија говори за мене, а она што го говорат моите политички опоненти, говори за нив, изјави Тошковски во интервјуто.
За двата договори во 2016 и 2017 година во вредност од 25 000 односно 140 000 евра за адвокатски услуги склучени со ЕЛЕМ во време кога директор е Мицкоски, новиот министер одговара дека се легитимни и легални, склучени во отворена постапка.
Во интервјуто тој кажа дека доколку е приоритет за граѓаните да присуствува на седница на Влада – тој ќе присуствува.
-Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што се што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам, додаде тој.