Не е регистриран ниту еден случај на Ковид-19 во Дојран, по навалата на илјадници посетители

by Fokus

Не е регистриран ниту еден случај на Ковид-19 во Дојран, по навалата на илјадници посетители, кои од целата земја таму го поминаа викендот за време на верскиот празник Задушница, додека беше активен полицискиот час во општините со најмногу инфицирани лица.

-Локалното население стравуваше дека гостите кои дојдоа во голем број, поради непочитување на мерките ќе им го донесат вирусот. Но сепак, откако општинските служби масовно излегоа на терен, делеа бесплатни заштитни маски и ги предупредуваа посетителите да држат растојание, да не се групираат и да ги спазуваат мерките, денес резултатите се видливи. Во општината немаме регистрирано позитивни случаи, горди сме што апелите вродија со плод и совеста преовладуваше – за ,,Фокус” вели градоначалникот Анго Ангов.

Тој додава дека денес се одржала средба со хотелиерите и приватните сместувачки капацитети. Присутен бил и Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот.

Во Дојран има околу десет хотели и 235 мали сместувачки капацитети. Тема на средбата била актуелната состојба со пандемијата и препораки како да функционира туризмот во новонастанатата состојба.

-Се разговараше за управување со туристички дестинации во време на панедмијата, беа промовирани препораки и протоколи на однесување на плажите. Исто така беа промовирани и протоколите за малите сместувачки капацитети. Инфо центарот ќе помага за регистрација на 235 мали сместувачки капацитети, донесен е и протокол за однесување во нив.

Во 2019 година се собрани два милиони денари кои преку проект повторно ќе бидат инвестирани во општината, со реконструкција и хортикултурно уредување на јавни површини. Значи, да се подигне и свеста за плаќање на туристичката такса, бидејќи овие пари повторно се враќаат кај граѓаните во форма на инвестиции.

„Се разговараше и за начин на користење на ваучерите за туризам и помошта од нивната реализација, ќе се користат до 15-ти декември, што значи и продолжена, но безбедна сезона. Дојран е безбедна зона, без заболени од Ковид-19, да се потрудиме така да остане и во иднина, со строго придржување на мерките – вели Ангов.

Исто така, според извештаите од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, водата во Дојранско Езеро била безбедна за капење.

-И во овој период имаме посетители, за време на викендите нивниот број е зголемен. Ние сме туристичко место, се трудиме да имаме добра понуда за нашите гости, а во исто време и да го заштитиме здравјето на туристите, но и на локалното население – изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости